Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш предупреди дека светот се соочува со „директна егзистенцијална закана“ и дека мора да ја намали зависноста од фосилните горива до 2020 година, со цел да се спречи „излегување на климатските промени од контрола“.
Гутереш истакна дела станува збор за „кризна ситуација“ што треба под итно да се решава, оценувајќи дека светот се соочува со недостиг на лидерство во борбата против климатските промени.
– Климатските промени се движат побрзо од нас. Мораме да ја запреме погубната емисија на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина и да иницираме акција за заштита на климата, порача Гутереш.
Тој истакна дека луѓето ширум светот се соочуваат со рекордни температури, кои предизвикуваат екстремни бранови на жештини, шумски пожари и поплави што „оставаат смрт и пустош“.
– Научниците со децении предупредуваат на глобалното затоплување, но многу лидери одбиваат да го слушнат тоа предупредување и само мал број од нив дејствуваат со визија како што бара науката, предупреди Гутереш.