Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев оствари средба со ново именуваната амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј.
На средбата покрај изразеното добредојде, двата државници го искажаа и својот искрен оптимизам за продолжување и зајакнување на економската соработката меѓу двете земји.
Вицепремиерот Анѓушев посочи дека транспарентното креирање на економските мерки за поддршка на целото стопанство кои опфаќаат од старт ап компании, преку мали и средни се до големи фирми даваат резултати.
„Планот за економски раст, Законот за финансиска поддршка и проектите преку Фондот за иновации силно го подржуваат целото стопанство и очекуваме реален импакт кон економијата и позитивни бројки во бруто домашниот производ. Имплементацијата на ново креираните транспарентни мерки даваат резултати: 16 нови странски компании и влез од 327 милиони евра странски инвестиции во првата половина од годинава. Во исто време се регистрира и раст на индустриското производство од 8,4 % во јули во споредба со истиот период од мината година“, истакна Анѓушев, кој се заблагодари за поддршката посебно во енергетскиот сектор што го дава земјата.
Билатералните односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство создадоа традиција на добри меѓусебни релации, со динамичен дијалог на владино ниво и зголемена разновидна секторска соработка во институционалниот развој, зголемена трговија и инвестиции. Обединетото Кралство е меѓу земјите со кои Македонија има најголем обем на трговија и тоа во првата половина на 2018 со истиот период во 2017 година,е регистриран раст од над 17 %.
Амбасадорката Галовеј ја искажа својата увереност во позитивната насока каде се движи земјата и ја потенцираше својата заложба во постигнувањето на целите во сеопфатниот развој на државата и во полесно премостување на сите предизвици во политичкиот, институционалниот, економскиот и културниот напредок.