Соопштението на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ) во врска со кампањата на Европската унија е целосно беспредметно, се наведува во реакцијата на членките на Македонската медиумска асоцијација (ММА).
Телевизиите Алсат-М, Алфа, Канал 5, Сител и Телма, како членки на ММА, во реакцијата наведуваат дека се сосема свесни за начинот на кој треба да се емитува јавната пропаганда за претстојниот референдум, и се одлучни во целост да ги почитуваат законските норми.
Реакцијата се однесува на соопштението за јавност издадено од АВМУ, во кое агенцијата ги потсетува радиодифузерите како треба да се однесуваат со содржините кои се дел од платената јавна пропаганда.
– Членките на ММА се непријатно изненадени што регулаторот не прави јасна дистинкција меѓу јавна пропаганда за референдумот и комерцијални кампањи, и што сосема различни работи сака да ги подведе под исто. Станува збор за кампањата на ЕУ која е дел од еден постојан континуитет на кампањи на ЕУ. Кампањи со ваква содржина ЕУ имаше и пред кампањата за референдум, а најавени се слични кампањи и откако ќе заврши референдумот. Овие информативни кампањи на ЕУ не се, и според ниту еден критериум не можат ниту блиску да бидат подведени под јавна пропаганда. Затоа и овие кампањи на националните телевизии се емитуваат во комерцијални блокови под услови договорени во секоја телевизија одделно уште во 2017 година, временски период пред воопшто да знаеме дека ќе биде распишан референдум, и секогаш биле емитувани, и ќе се емитуваат и натаму во комерцијалните блокови под претходно договорени услови, се вели во соопштението на ММА.
Од ММА наведуваат дека содржините од јавната пропаганда се емитуваат во посебен програмски појас по единствена и привилегирана цена која не смее да надминува просечна цена на телевизиите во изминатите три месеци работење, и тие планираат да ги одвојат со посебен џингл и на секоја од нив да стои нарачател.
– Бидејќи кампањата на ЕУ не спаѓа во оваа категорија, ниту пак АВМУ понуди било каков аргумент, зошто оваа кампања би требала да биде дел од јавната пропаганда, соопштението на АВМУ во врска со кампањата на ЕУ, ММА го цени како целосно беспредметно, се наведува во реакцијата на ММА.