Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници, со соопштение реагираше на последните отпуштања на дописници во некои медиуми.
Иако формално-правно станува збор за легитимно право на секој работодавач да донесе таква одлука таа уште еднаш ја потенцира бесправната и ранлива позиција што ја имаат колегите со таканаречен „хонорарен“ статус. Факт е дека голем број „хонорарци“ всушност работат десетици години кај ист работодавач со полно работно време или со исти обврски како редовно вработените , а работодавачот може да ги отпушти „преку ноќ“ без каква и да е процедура, дури и само со електронска порака или усно известување и при тоа да нема какви и да е законски обврски кон нив.Брзината и начинот на кој таквите одлуки се спроведуваат говори за непостоење ниту морална обврска кон луѓето кои со години биле лојални на своите редакции. – се вели во соопштението на ССНМ
Според Синдикатот „лошите економски услови, големата понуда и малата побарувачка на медиумскиот пазар го прават своето и многу наши колеги немаат избор освен со години ја прифаќаат оваа состојба се до моментот додека не им биде прекината соработката. На крајот остануваат и без работа, и без стаж и без каква и да е можност да се жалат“.
Во сооптението стои дека „ССНМ од своето формирање се обидува да го реши прашањето на постојаните хонорарни соработници во медиумите. Свесни дека е краен цинизам да се бара од колегите да не прифаќаат ваков тип на работни ангажмани затоа што не се во состојба да поставуваат услови, ССНМ бара начин како да се поттикнат работодавачите да го напуштат овој вид на злоупотреба.
Затоа како приоритетно прашање на средбата со Владата беше посочено решавањето на тнр. „нетипични вработувања“, но за жал од другата страна сè уште не постои подготвеност за решавање на проблемот со кој се убива новинарството во кое голем број наши колеги се дискриминираат и држат во безнадежна положба“.