Министерството за надворешни работи на Австрија има намера од австриските државјани кои патуваат во кризните подрачја, а кои ќе западнат во тешкотии од кои државата мора да ги спасува, да им наплаќа за потрошените средства.
По најновите грабнувања на Австријци во Сирија и Јемен, министерот за надворешни работи, Михаил Шпинделегер, изјави дека сака во иднина да го примени законот што е во сила, а кој предвидува лицата кои несовесно патуваат во кризните подрачја и ќе западнат во тешкотии, да ги повратат средствата што ќе се потрошат за нивното спасување.
Затоа патниците во кризните региони во иднина ќе мораат да се регистрираат преку сајтот на министерството.
– Кој ќе предизвика големи трошоци врз основа на сопствена вина, за тоа ќе треба и да плати, објасни Шпиделегер.
Според законот за конзуларни работи од 1992 година Република Австрија може да побара повраток меѓу 10.000 и 50.000 евра.
Во моментов министерството има издадено предупредување за патувања во 15 земји од светот, а за останати 19 постојат делумни предупредувања.
Според пишувањето на печатот, до сега 400.000 Австријци кои живеат во странство се регистрирале преку сајтот на министерството. Тие, во случај на опасност во земјата домаќин, би можеле на време да бидат предупредени.