Англискиот фудбалер Дејвид Бекам (37) пет месеци ќе игра за францускиот прволигаш „Пари сен Жермен“ (ПСЖ) без паричен надомест.
Во изјава за британските медиуми, веднаш по потпишувањето на договорот со ПСЖ, поранешниот англиски капитен и репрезентативец, рече дека платата од околу еден милион фунти, нема да ја прима, туку таа цела ќе оди во една париска хуманитарна организација за згрижување на деца.
– Нема да ја земам платата и се договорив со клубот таа да се префрла на хуманитарната организација, рече Бекам, кој практично до јуни годинава ќе игра за парискиот клуб без пари.
ПСЖ се бори за шампионската титула во Франција, а настапува и во Лигата на шампионите.
Во Париз, Бекам ќе биде сам, затоа што неговите четири деца ќе останат во Лондон заедно со нивната мајка Викторија.
Бекам беше без ангажман од декември, отако го напушти „ЛА Галакси“. Од тогаш тој тренираше со фудбалерите на лондонски „Арсенал“, па лондонските медиуми тврдеа дека лондончанецот Бекам ќе ја заврши својата кариера во еден од клубовите во британскиот главен град, но „топџиите“ ги демантираа таквите гласини.
Во овој период прославениот англиски фудбалер и медиумска ѕвезда, имал понуди од 12 различни клубови. Бекам одбива да каже што ќе прави по завршувањето на петмесечниот договор со ПСЖ, освен што вели дека се уште му претставува радост фудбалската игра.
Тој досега настапуваше за „Манчестер Јунајтед“, од 2003 за „Реал Мадрид“, а од 2007 година и за „ЛА Галкси“ од Лос Анџелес. За англиската репрезентација има одиграно 115 натпревари, а шест години беше и нејзини капитен.