Во кривичниот суд во Скопје, по речиси 4 и пол часа време за приговори на адвокатите на обвинетите, почна репродуцирањето на бомбите во судницата во предметот „Титаник”.
Судот одлучи да бидат пуштени сите бомби во присуство на јавноста, освен 7 кои се поврзани со приватниот живот на сведоците.
Во една од бомбите кои беа пуштени, Мартин Протоѓер му вели на Миле Јанакиески дека е алармантна состојбата со немање гласачи за да гласаат на изборите во 2011 година и се пријавиле едвај 30.
„Планираме по илјада луѓе од секој континент да се пријават”, вели Протоѓер.
„Задолжете ги амбасадорите да одат од врата до врата. Да им ѕвонат на врата бе, нека одат малце”, му вели Протоѓер на Јанакиески.
Во друг разговор Протоѓер на ексминистерот за транспорт и врски му вели да им бара и извештај на амбасадорите и конзулите и да посетуваат дневно по 70 куќи.
„Кол центри по амбасадите да има. Нека им вртат на амбасадорите по трипати дневно. Нека им се качат на глава. Нека им кажат сега ќе го информираме премиерот”, вели Протоѓер.
Васко Маглешов