Колумна: Кредибилитет?

Од:

Веќе цела година пишувам колумни за еден портал и никогаш не сум ги искористил или злоупотребил за да одговорам на прозивките или непријатностите кои ми се случуваат. Не го направив тоа и кога без никаква причина ме малтретираа службени лица од охридската полиција, нити кога некои од новинарите имаа желба да бидат вешто перо на моја сметка, нити пак кога многумина почувствуваа загрозеност од моето присувство на монотоната политичка сцена во Охрид.

Тоа не беше резултат на моето политичко искуство да бидам искрен до крај, иако веќе цели три години се наоѓам на одговорни функции во општинската организација во матичната партија во Охрид, туку само порив за професионализам.

Потребата за ваков емотивен текст кулминираше после мојот петминутен говор на охридскиот плоштад, кога покрај многуте комплименти кои ги добив, сфатив дека постојат луѓе кои што не разбрале добро или пак така им одговара-луѓе кои повторно не ја ловат поентата.

Ефектот на еден говор не го прави само дикцијата и напишаниот текст, туку најголемо влијание има тоа дали успеваш да го пренесеш чувството кај луѓето дека првенствено ти веруваш во тоа што го презентираш. Воајерите, кои не само што не можат да напишат три прости реченици во кои би се опишале себе си, непрекидно зборуваат не за суштината на моето обраќање туку за мојата подготвеност-неподговтвеност да застанам позади нешто. Јас сум од оние луѓе кои сакаат да се јасни до крај, и кои секогаш ја зборуваат вистината, директно на тој со кого седат на маса. Имам доволно достоинство и себе почит за да не чекам да замине оној кој ми е таргет, односно оној со кој условно кажано имам несогласувања. Јас на моите трибини канам гости од други политички партии, одам на настани кои ги организираат другите политички партии и се дружам со луѓе од други полтички партии, не заради сликање, туку заради тоа што политиката ја доживувам како дијалог, како размена на мислења со меѓусебна почит.Тоa е и разликата.

Зошто верувам во мојот говор? Затоа што го имам доживеано, преживеано, надживеано. Затоа што имам кредибилитет да говорам за некои работи. Затоа што јас точно знам што значи медиумски бојкот. Затоа што кога ме малтретираа две службени лица од охридската полиција без никаква причина, таа вест одеше во дваесеттата минута во вестите, после информациите кои се однесуваа на тоа дека некој човек ископал бунар во сопствениот двор. Затоа што секој мој прес од областа на економијата кој базира на аргументирани бројки, е поневажен од костимот за капење од ќерката на некој функционер. Затоа што имам право да ја повикам интелектуалната младина, за што сведочат моите дипломи. Затоа што се уште постојат професори кои кога ќе ме сретнат не пропуштаат да ми кажат колку ревносно сум го подговтвувал материјалот. Затоа што моите пријатели вистински одат на одмор со пари од родителите или пак купуваат пелени од пензиите на своите баби и дедовци. Каде е овде лагата и каде е овде митарењето? Јас знам дека поголем аплауз и повеќе авторитет се добива кога луѓето ги убедувате да се мразат отколку да се сакаат. Затоа што омразата ни е поблиска како чувство, тоа е во човековата природа. Ако не верувате, помислете колку пати сте сакале. Сигурно се брои на прсти. Повеќе од сигурно е дека многу повеќе пати сте мразеле.

Денес паразитите од која и да било провиненција сакат да се налепат на нашите тела и да исцицаат колку што можат повеќе крв. Понекогаш си велам, можеби не се виновни, можеби толкав им е капацитетот или пак немало кој да ги научи. Можеби не навикнале на искреност, не навикнале на тоа соодветни луѓе да бидат на соодветни места, не навикнале на преданост, лојалност и пожртвуваност. Јас знам дека вие очекувате да бидам перфиден, да сакам пирови победи или пак да се понудам на робовладетескиот политички пазар. Тоа е и она што ви прави забуни. Пред што и да искоментирате за некого помислете дали вие сте направиле доволно или барем во границите на вашите можности. За жива среќа многу брзо научив да ги селектирам информациите во зависност од адресата од која доаѓаат. Многумина од вас не можат да зборуваат за чесност, за демократија , за човечност, за пријателство, за почит. Жалам, но многумина од вас немаат морален кредибилитет. Пред некој ден, еден пријател на шега ми рече дека ќе сум станел министер за туѓи маки. Тоа е доволна награда за сѐ до сега.

Помислете дали е коректно некој поради политичката определба да го мразите или почитувате? Во еден обичен маркет жената која продава е поразлична со вас односно по дрска или по љубезна, во зависност од тоа дали се согласува со вашите политички ставови или не. Постојат и исклучоци. Но, овој симплифициран пример само го покажува отсуството на професионализмот. Поразително е тоа што овој народ почнува меѓусебно да се шиканира и навредува заради лидерите на политичките партии. Бројот на затруените жртви од политиканството, меѓу кои и деца секојдневно се зголемува.

Ќе ја завршам оваа колумна со еден многу едноставен пример кој реално ја отсликува нашата болна сегашност. Во едена од градските кафеани пред некоја вечер едно пет годишно дете стана и на премногу шармантен начин побара од музичарите да му испејат неколку партиотски песни. Буквално целата кафена беше импресионирана од љубовта на ова момче кон сопствената земја, меѓу кои и јас. Но, подоцна се запрашав дали е во ред едно пет годишно дете да порача песна за клетите Турци, место да пее песна за рибарот Климе. Ги запрашав родителите од каде му е чувството и дали некој влијае на неговиот избор за музика. Ми кажаа дека ја следел само телевизиската програма .Покрај другото ми кажаа дека ова петгодишно дете се чувствувало како припадник на некоја партија и дека често го бакнувало телевизот кога ќе видело некој од функционерите. Колку ТАЖНО. Тоа не е победа нити на опозицијата нити на партијата на власт, тоа е пораз на сите нас. Тоа е она за што ќе се борам и заради кое сум во ова ладно време на улиците, иако пропагндната машинерија успева многумина да ги убеди дека потонатиот брод е подморница.

Дејан Блажески

Либерално демократска партија

(авторот е докторант од областа на економските науки)

Текстот е превземен од електронскиот весник Ohridnews

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска