Институтот „Павел Шатев“ денеска организираше трибина за предлогот на шефот на државата Ѓорге Иванов за формирање комисија за расветлување на собраниските настани и за општата состојба во државата.
Професорот Димитар Мирчев смета дека системот ќе ја издржи политичката криза, но оти ќе има тешки штети за државата. Македонија, според него, е во опасност да добие негативни оценки во извештаите што ги изготвуваат меѓународните организации и Европската комисија, а случувањата ќе влијаат и на економијата и на разговорите за името.
– Опозицијата ја „погреба“ идејата на претседателот Ѓорге Иванов за формирање независна експертска комисија за расветлување на настаните во Собранието пред, за време и по 24 декември, што се во насока на дестабилизација на системот, рече Мирчев.
Тој, но и аналитичарот Сашо Клековски, сметаат дека доколку СДСМ не излезе на локални избори партијата може да се распадне.
Според Мирчев, експертите сега треба да се занимаваат со дисфункциите на системот и вели дека треба да се преиспита Уставот во смисла на обезбедување на правото на граѓаните трајно да бидат претставени во Собранието и во општините.
– Системот не предвидел дека големи групи ќе бојкотираат. Од нив граѓаните треба да бараат одговорност и заштита. Друго, партиите земаат средства по пратеник и сега треба да ги вратат тие пари. За идните пратеници треба да биде воведено лекарско уверение, вели Мирчев и додава дека изборните единици треба да се кројат според природните заедници и да се одреди кому претставниците на граѓаните ќе му одговараат.
Клековски, пак, смета дека се уште се отворени вратите за заедничко решение на политичката криза и оти и во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ ќе има внатрешен притисок за нивно надминување. – Мора да има институционална разврска на настаните, рече Клековски, посочувајќи дека досега никој не поднесе претставка до Уставниот суд, на пример, иако се тврди дека тој е прекршен.
Не се согласува со тезата дека во Македонија не можат да се најдат петмина независни правници или експерти кои би биле дел од комисијата.
– Институционалното решавање на настаните нема да значи исклучување на политичкото, рече Клековски.
Во однос на легитимитетот вели дека локалните избори ќе покажат која политика ќе биде легитимна од граѓаните. И тој предупредува дека оценките за политичкиот дијалог ќе бидат влошени и оти постои опасност сами да се исклучиме од евроантските интеграции и тогаш Бугарија и Грција, како што рече, нема да има потреба тоа да го прават.
Новинарката Мирка Велиновска рече дека е против тоа секој проблем на Македонија да и го решаваат од надвор. Грешиме, вели таа, со тоа што се обидуваме на рационален начин да му пријдеме на еден нерационален проблем.
– Дијагнозата е погрешна. СДСМ ова го прави од деведесетите години наваму. Тие сакаат да дојдат на власт по секоја цена, рече Велиновска, нагласувајќи дека со ултиматуми се обидуваат да се вратат на власт.
Според неа, ова што се слуша и што се гледа деновиве се услови за креирање граѓанска војна внатре во еден етникум.
– Ќе се уништиме внатре и ќе им завршиме работа на Грција и на Бугарија. Грција е фокусирана на тоа да не стави како точка на дневен ред на Советот за безбедност на ОН, изјави Велиновска.