Почитувани граѓани, на Република Македонија нашироко се пропагира едно од примарните задачи на Советот на Европа – заштита на човековите права.
Семејното насилство, или семејно малтретирање на брачен другар физички или психички, обидувајки се да доминира врз другиот, ја поткопува најзначајната вредност на која се базира Советот на Европа. Кај нас се води кампања за зајакнување на капацитети за спречување на семејно насилство.
И ако нашиот Парламент треба да претставува едно семејство на народни избраници кои по својата структура се хетерогени, а основна поделба е на позиција и опозиција, тоа не значи дека Парламентот е место каде што треба да се случи „семејно насилство“. А која е причина за „семејно насилство“ што се случи на 24. декември минатата година?
Демократската недораснатост на една страна во учествувањето во власта, која заради местото кое го има во власта а кое се вика позиција, смета дека опозицијата не е власт и дека таа нема право на искажување на своите мислења,ставови и предлози. Поинаку кажано, за нив опзицијата треба да биде статист или декор во власта, да го слуша режисерот од позицијата, и да чека време кога ќе дојде на власт па да се покаже што знае.
За таков начин на наметнување во владеење, позицијата си дава за право секој свој потег да го правда со законско или деловничко покритие, но кога се во прашање правата на опозиционерите – е тука важат другите закони ( или ќе биде по наше-или ќе го јадете стапот).
Ваква искривена слика за владеење во демократските системи е својствена на партии кои во основа го подржуваат едноумието, идеи не постојат, ама затоа послушноста е на високо рамниште и се одликува со пирамидално раководење. Затоа нивните претставници не прифаќаат јавни дебати, самостојни настапи а камоли искажување на сопствени ставови. За нив се е режирано од „горе“, а на нив им останува беспрекорно да го сработат довереното и за тоа на крај да очекуваат солидна награда, во зависност од ешалонот во кој се наоѓаат.
Вака разбрано функционирање на власта ( без опозиција ) што е рамно на еднопартиски систем, е тежнението на нашата сегашна позиција во власта, која фрла дрва и камење по ‘‘комуњарите‘‘ а всушност посакува едноумие и апсолутна власт, што со други зборови се вика диктаторски режим.
„Семејно насилство“ што се случи во нашиот Парламент имаше за задача да ги дисциплинира „неразбраните и непослушните“ опозиционери кои сакаат да размислуваат поинаку од „шефот“, ама и да им покаже кој е „газда во куќата“. И наместо да ја разберат лекцијата, тие неразбрани опозиционери излегоа на улица среде зима да си „играат“ демократски парламент. А позицијата ги кани мирно да се вратат во Парламентот како ништо да не се случило.
Дали оваа што ни се случува е нормална демократија или лудило. Со сегашните случувања, граѓаните се се подалеку од своите соништа – Македонија како успешна прикаска. А има ли излез? Секако дека има. Граѓаните мора да си ја вратат демократијата и власта да ја доверат на тие што знаат да ги водат, а не на тие што ги доведоа до просјачки стап.
Во демократските системи, позиционерите не гледаат непријатели во опозиција – позицијата и опозицијата како власт имаат иста цел, само се разликуваат во патишта по кои сакаат да дојдат до неа. Верувам дека ке дојде и тој ден во нашата демократија, и тоа многу скоро.
Мирослав Трлин
член на ЦО на НСДП