Акциите на американската Интернет компанија Јаху синоќа скокнаа откако резултатите на овој Интернет пионер ги надминаа очекувањата на Волстрит, и покрај помалиот квартален профит.
Јаху во последните три месеци од 2012 година оствари профит од 272 милиони долари, осум отсто помалку во однос на истиот период во 2011 година, но сепак доволно за неговите акции да скокнат за повеќе од четири отсто, а пред крајот на берзанското тргување да се вратат на старото ниво, пренесоа агенциите.
Првиот фискален квартал под водство на новата извршна директорка Мариса Мејер донесе двоцифрен раст на приходите, благодарение на рекламите и он лајн пребарувањата, каде Јаху доминираше пред да го претекне Гугл, компанијата од која Мејер дојде во оваа компанија.
-Многу вредно работевме во изминатите шест месеци. Имаме уште доста работа, а ги гледаме клучните позитивни трендови, порача таа.
Приходите на Јаху во 2012 година прв пат нараснаа во последните четири години, наведува директорката. Компанијата минатата година оствари приходи од 4,98 милијарди долари, што е за два отсто повеќе отколку во 2011 година.
Мејер наведува дека Јаху ќе се фокусира на работите кои луѓето ги сакаат на своите смартфони, не обидувајќи се да се натпреварува во областите како што се хардвер и оперативен систем.