Одбраната на обвинетите во случајот „Тортура“ на СЈО, за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на денешното прво рочиште, побара запирање на истрагата и судскиот процес, повикувајќи се на помилувањето од претседателот Ѓорге Иванов.
Обвинителот од СЈО во воведните зборови изјави дека ќе докажат дека на 6.6.2011-та година поради дискриминација по основ на поинаква политичка определба, Сашо Мијалков, ги навел обвинетите „Алфи“, при лишување од слобода, на тогаш осомничениот Љубе Бошкоски, да предизвикаат душевно страдање заради одмазда спрема него, поради политичките пораки кои му ги испратил на тогашниот директор на УБК во изборната кампања.
Во обвинителниот акт исто така е наведено дека без било каков отпор од страна на Бошкоски, употребена е прекумерна сила при апсењето.
Обвинетите ги пренеле заканите од Мијалков кон Бошкоски, му упатиле погрдни зборови за семејството, а еден од обвинетите „Алфи“, му го ставил пиштолот на Бошкоски на образ и му се обратил со зборовите „Бел ден да не видиш“.
Обвинителството како докази во овој судски процес ги предложи видео снимките од неколку телевизии, како и видео снимката од МВР и „бомбите“, односно незаконско прислушуваните разговори.
Како доказ ќе биде доставен официјален документ од психијатар за душевно страдање на Љубе Бошкоски.
Адвокатот Љупчо Шврговски, како бранител на неколку од обвинетите изјави дека доколку судот и Обвинителството решат да ја водат оваа постапка, ќе го прекршат Законот и Уставот на РМ и непосредно и неосновано ќе извршат оштетување на буџетот на РМ.
Тој исто така кажа дека во обвинителниот акт никаде не е спомнато ниту едно конкретно дејствие.
„Поттикнувањето не е дефинирана содржина. Во самиот акт погрешно е применет терминот наведување. Одбраната ќе докаже дека СЈО не навело конкретно дејствие затоа што нема докази за тоа. Дејствијата кои се извршени во апсењето се пост фестум, но не како иницијален акт од Сашо Мијалков кон останатите обвинети“, рече Шврговски.
Покрај другото Одбраната кажа дека дејствијата на обвинетите биле такви бидејќи Љубе Бошкоски дал отпор при неговото апсење.
Судијката Александра Ристовска даде 30-минутна пауза по што ќе продолжи рочиштето.
Рочиштето за насилното приведување на Љубе Бошкоски беше одложувано неколку пати. Во случајот „Тортура“ обвинети се шест припадници на единицата „Алфи“, Новица Станковски, Филип Атанасов, Петар Милошевски, Јован Гоцевски, Метуш Шабани, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Виктор Јованов