Катар заинтересиран за инвестирање во енергетиката и туризмот во Македонија

Од:

Формирање Мешовит комитет за економска соработка меѓу Македонија и Катар и во најскоро време отворање амбасада во Скопје, е исходот од денешната средба во Доха меѓу македонскиот претседател Ѓорге Иванов и катарскиот емир Хамад бин Калифа ал-Тани, јавува известувачот на МИА.

Вршителот на должност Султан бин Саад ал-Мреокхеј, како што информира претседателот Иванов, веќе е во Скопје и ги прави сите подготовки амбасадата на Катар да биде отворена во најкратко време.

– До само пред три години немавме склучено никаква билатерална спогодба со Катар. По интензивните контакти правната рамка меѓу двете земји е оформена, а во таа насока денеска е потпишан и Меморандумот за разбирање во сферата на туризмот, изјави Иванов.

Македонскиот претседател и емирот од Катар разговараа за катарски инвестиции во Македонија, при што како што нагласи Иванов бил пројавен интерес за соработка во сферата на високото образование, како и во областа на културата што се должи на неодамнешната посета на КУД Танец на Доха.

– Оваа посета е во функција на одржување на политичкиот дијалог на највисоко ниво и се надевам дека економската соработка која ја потикнуваме во најкраток период ќе ги даде своите резултати, изјави претседателот Иванов.

Министерот за економија Ваљон Сарачини, како дел од официјалната делегација предводена од претседателот на Република Македонија која престојува во Катар, надвор од официјалната програма денеска имаше средба со генералниот и главен извршен директор на Катар Холдинг, Ахмад Мохамед Ал-Сајед.

Во текот на средбата министерот Сарачини акцент стави на енергетските и туристичките инвестициски проекти, а најголем интерес кај оваа компанија која бележи голем раст со бројните инвестициски проекти во над 30 земји во светот предизвика докапитализацијата на АД ЕЛЕМ, ски центарот Попова Шапка, како и изградба на голем спа комплекс преку добивање на концесија за термоминерална вода. Чебрен и Галиште, како и проектот Вардарска долина се дел од енергетските проекти за кои постои интерес да се најдат во богатото портфолио на Катар Холдинг, доколку се реализира влезот на оваа компанија во електроенергетскиот сектор во Република Македонија.

Министерот Сарачини информираше дека по изборот на консултант, ќе биде направена анализа и ќе биде предложена најдобрата структура за докапитализација на АД ЕЛЕМ, по што ќе се распише јавен повик за докапитализација, а во делот на спа туризмот. Тој ја објасни поедноставената постапка за концесии во делот на минералните богатства, овозможена со новиот закон за минерални суровини.

Со цел натамошно унапредување на договорната рамка меѓу двете држави, Сарачини потпиша меморандум за разбирање за туристичка соработка меѓу двете земји, а беше потпишан и меморандум за соработка меѓу стопанските комори на Македонија и на Катар.
Македонија и Катар досега имаат потпишано договори за избегнување двојно оданочување, за соработка во сферата на образованието, во земјоделството и за заемна заштита на инвестициите.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Германските стопанственици гледаат огромен потенцијал во Владата, очекуваат да се реализираат големи инвестиции

Мицкоски: Во периодот што следи работиме на три нови инвестиции

Влада: Инвестираме историски највисоки 250 милиони евра за капитални проекти во општините

(ВИДЕО) Мицкоски: Одвоивме 250 милиони евра за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините

Горан Наумовски

Мицкоски: Колку повеќе ќе биде успешна бизнис заедницата, толку ќе биде поуспешна и самата Влада

Се јави и трет за истата германска инвестиција: Не е ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ

Предраг Петровиќ