Никола, Фрањо и Трајковото дуќанче

Од:

Почитувани читатели, секое патување на човека му отвора нови хоризонти, дури и кога патува на место на кое порано бил, со луѓе со кои порано се запознал. Секогаш е навидувам исто, но во суштина различно. Нешто како во шегите со Мујо и Хасо. Нејсе, викендов кој помина го минав во Хрватска, со драги другарки и другари со кои се обидувавме да дебатираме за предизвиците со кои се соочува левицата.

Говоревме за интересни нешта: идеологија, економија, креирање на нови работни места, подобрување на социјалната положба на граѓаните. Во целата таа крајно конструктивна атмосфера, како гонг во моите уши одекнуваа зборовите: „А како е кај вас долу? Како можеше тоа да се случи? Па има ли таа ваша власт памет? А што навистина се случи?”

Молк. Драмска пауза. Си велам, од каде да почнам? Горчината станува огромна. Свесен сум дека гостувам во држава со која во 2005 година заедно се изборивме за земја со статус – кандидат за членство во Европската Унија. Совршено ми е јасно дека им говорам на луѓе кои се жители на држава, во која на неколку дена пред парламентарните избори, Обвинителството покрена истрага против партијата на власт. Од каде да почнам, како да објаснам?

Почнувам да црвенеам. Како да им објаснам на соработниците дека во Македонија умре демократијата?! Се срамам, црвенеам, небаре јас лично ги фатив и ги исфрлив народните пратеници низ собраниската врата. Небаре јас плукнав во лицето на 400.000 македонски граѓани. Небаре јас го фалсификував Буџетот за 2013 година…

Една слика, илјада зборови. Колегите ги гледаат видео снимките од „Црниот понеделник”. Повторно тишина. Сите гледаат во подот. Гледаат како народните пратенички и пратеници се грубо, надвор од сите правни акти кои имаат допирна точка со работата на Собранието, исфрлени како партали. Еден од колегите ме прашува: „А чекај, ова се случува во Собрание, во Пленарната сала на Собранието?!?“ Да, велам тажно.

Ова се случуваше во просториите на некогашниот храм на македонската демократија. Од 24-ти декември наваму, тоа повеќе не се нарекува Собрание. Тоа е Трајковото дуќанче. Местото каде Трајко, primus inter mercatores, и неговите 70-мина притискачи на копчиња си играат трговија на мало. На сите страни летаат ролни тоалетна хартија кои тие си ги нарекуваат закони. Заговараат некакви анкетни комисии за утврдување на вистината, а вистината, една и единствена, ја виде и слушна целиот свет. Но повеќе за тоа како функционира Трајковото дуќанче, следната недела.

На првата пауза, со колегите пешачевме по опатиската ривиера. Еден од нив, загледан во морските далечини, тивко ми прокоментира: „Иване, знаеш, вие живеете во диктатура. Вака слично, кај нас беше сé до крајот на 90-тите години. Вака беше сé додека владееше Фрањо“. Потоа, неколкумина, како преживеани воени другари, со благо меланхолични насмевки раскажуваа како во времето на Туѓман сите телевизиски канали наликувале како јајце на јајце. Дел се прашуваа, со прикриен бес, зошто под превезот на лажниот и непотребен национализам, Фрањо им ја укинал тие неколку часови кирилица, па денес не можат да прочитаат неколку куси зборови испишани на пакувањето од моите цигари, донесени од Македонија. Коментираат…нé осакати! Оставивме тишината да говори.

Останавме сите да се прашуваме како е можно во 2005 да бевме толку блиску, а во 2013 да сме толку далеку?

Некому му се случува Фрањо Туѓман, некому Никола Груевски. Но за двајцата ќе суди историјата. Првиот, по сé изгледа нема да може да избега од придавката диктатор, а на вториот, пред да се закити со некаков историски епитет, прво ќе му пресуди народот на избори. Ќе му ја испорача сметката лично од „фискалниот апарат“ во Трајковото дуќанче, кое мошне скоро повторно ќе стане храм на демократијата и претставничко тело на граѓаните на Република Македонија.

p.s. Да бидеш патриот значи да ја сакаш, браниш и претставуваш својата држава секогаш и секаде, најдобро што умееш! Токму затоа, изминатиот викенд јас тоа го правев со зборови таму каде што физички се наоѓав, додека со душата и срцето бев со своите другарки и другари кои маршираа против режимот! Сите ние кои нема да дозволиме нов Фрањо Туѓман на Балканот ќе одиме до крај, без запирање, бидејќи, нели, за државата се работи!

Иван Стефановски
Авторот е магистар по Уставно право

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска