На „Скопско лето“ вечер од 21 часот во Сули ан концерт ќе одржат хоровите „Серенада“ под диригентство на Благица Душкова и „Кочо Рацин“ раководен од диригентката Светлана Сандева.
Хорот „Серенада“ е формиран во 2007 година на иницијатива на диригентката Душкова и е под покровителство на Општина Карпош. Има 20 членови, а на репертоарот има повеќе од 40 композиции од класична, духовна и македонска фолк-музика.
Од 1975 до 2009 година овој хор опстојувал под името „Борец“. Настапувал на повеќе манифестации и натпревари во Македонија и странство.
Хорот „Кочо Рацин”, пак, е формиран во 1946 година во селото Горно Врановци и оттогаш познати имиња од македонската хорска музика биле негови диригенти: Трајко Прокопиев, Кирил Спирковски, Ѓорѓи Смокварски, Жифко Фирфов, Стефан Гајдов, Томислав Шопов, Жанета Дивјаноска Донева, Стојан Стојков, Тоде Радески, Илија Атанасов, Летка Димова Полизова, Билјана Таковска, Сања Пановска, Марко Павлевски и Светлана Сандева.
Од своето формирање „Кочо Рацин” бележи голем број настапи и турнеи во земјава и во странство, има учествувано на разни светски и европски натпревари и манифестации и е добитник на голем број награди. Денес во него членувуваат 30 хористи, а го води диригентката Светлана Сандева.