Во рамки на посетата, МНР Димитров оствари средби со лидери и претставници на пратеничките групи во Парламентот: Ги Верхофштад – претседател на АЛДЕ, Рајнхард Бутикофер, претседател на Европската зелена партија, претседавачот со групата на Пријатели на Македонија – Ханс ван Бален, со претседавачот со Комисијата за надворешни работи (АФЕТ) – Дејвид МекАлистер од Европската Народна Партија, со потпретседателот на Европскиот парламент – Андреј Ковачев исто така од ЕПП, со Сергеј Станишев – претседател на Партијата на европските социјалисти и со неговиот сопартиец Кнут Флекенштајн, како и со Чарлс Танок од групата Европски конзервативци и реформатори.
На состанокот со евро-пратениците, министерот Димитров разговараше за актуелните случувања по заклучоците на Европскиот совет минатата недела, во контекст на натамошните фази од ЕУ интегративниот процес на Република Македонија.
„Фактот што Бугарија и Грција така силно се заложија за европската иднина на Република Македонија, всушност значи дека во нашиот регион успеавме да го создадеме она за кое говореше Шуман: Европа нема да се изгради одеднаш или според еден единствен план, туку преку конкретни постигнувања, кои најпрво ќе креираат фактичка солидарност“, рече Димитров
Министерот учествуваше и на состанокот на ALDE политичката група, а имаше засебни средби и со Иво Вајгл, известувач за Република Македонија во Европскиот парламент, со Тања Фајон од Партијата на европските социјалисти, како и работен ручек со евро-пратеникот Арно Данжан, од Европската Народна партија.
На крај од посетата, МНР Никола Димитров имаше работна вечера со неколку евро-парламентарци, во организација на холандскиот европратеник Ханс ван Бален.