Хрватска пратеничка во Европскиот парламент е под истрага бидејќи ги одвела сестрата и пријателите во Стразбур на сметка на ЕУ: Таа платила 1.120 евра за вечерите.
Покрената е иницијатива за дисциплинска постапка во рамките на нејзината партија против хрватската пратеничка, откако „Политико“ објави дека нејзини пријатели и членови на семејството присуствувале на настан на Европскиот парламент во Стразбур, за кој нејзиниот кабинет побарал надомест на трошоци во износ од неколку илјади евра од јавни средства.
И пратеничката Романа Јерковиќ и нејзината политичка групација во Брисел тврдат дека ги почитувале важечките правила, но патувањето – претставено како настан посветен на здравствената политика – покрена прашања за начинот на кој Европскиот парламент го надгледува трошењето на средствата од страна на пратениците. Две лица запознаени со случајот потврдија за „Политико“ дека пратеничката група ги одобрила трошоците.
Извештајот вклучува барања за надомест на трошоци, фотографии и списоци на учесници на патувањето.
Романа Јерковиќ, членка на пратеничката група на Социјалистите и демократите (S&D), за време на нејзиниот шестгодишен мандат во Европскиот парламент, организирала неколку настани посветени на здравствената политика. На таквите собири се поканети експерти кои патуваат во Европскиот парламент во Брисел или Стразбур на сметка на политичката групација, при што им се покриени трошоците за превоз, сместување и храна.
Во објава на Фејсбук, таа изјави:
– Очекувам партијата да го заземе својот став врз основа на факти, а не врз основа на нецелосни медиумски обвинувања.
Документите што ги прегледа „Политико“ покажуваат дека луѓе од најблискиот круг на Романа Јерковиќ – вклучувајќи ја нејзината сестра, познаник кој е актер и пријател историчар на уметност – биле наведени на списокот на учесници на патувањето во Стразбур како вработени на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Риека или во тамошниот Клинички болнички центар.
Според документите, Јерковиќ и нејзините гости, кои допатувале од Хрватска, исто така вечерале во луксузни ресторани, а сметките од околу 1.100 евра по вечера биле испорачани до пратеничката група S&D.
– Не направив ништо погрешно – изјави Јерковиќ за „Политико“ кога беше прашана зошто нејзините блиски пријатели и членови на семејството биле поканети на патувањето.
– Секој цент е оправдан – рече таа и додаде дека пратеничката група S&D не утврдила никакви неправилности во нејзините постапки.
Таа подоцна изјави дека сама ги платила трошоците за својата сестра, вклучувајќи го хотелското сместување, авионските билети и вечерите.
Во петокот, таа соопшти дека „во случајот со некои учесници“ дошло до „ненамерна административна грешка направена од нововработено лице во администрацијата“, што подоцна било пријавено до надлежните органи.
Групата S&D објави дека повторно ја разгледала релевантната документација и заклучила дека „биле почитувани соодветните финансиски правила“.
Сепак, Синиша Хајдаш Дончиќ, претседателот на Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП), најави дека во четврток ќе побара од Претседателството на партијата да покрене дисциплинска постапка со цел исклучување на европратеничката од СДП, повикувајќи се на „нарушување на угледот и други околности поврзани со нејзиниот случај“.
„’Не направив ништо погрешно’ не е доволно добар одговор“, изјави тој за хрватските медиуми.
