Пред Основниот суд Скопје 1 се одржува протест за поддршка на приведениот Филип Достовски, основач на здружението „Зелена алтернатива“. Достовски пред судот изјави дека досега никогаш немале проблеми со полицијата и дека ништо не криеле.
„Уапсен сум пред од прилика две години, 28 јули 2016-та. Ми влегоа дома девет ентеше полицајци. Ми најдоа што ми најдоа, меѓутоа ние како здружение претходно четири години тоа го правевме. Никогаш не сме имале проблеми со полиција, ништо не сме криеле. Свесни сме дека некои од работите се нелегални, но мора да се случат. Вечерта кога ми влегоа дома, полицајците ми кажаа дека за мене немало истрага, дека се пратени по налог, мислам од една фармацевтска компанија, зошто имав и закана по телефон, што е пријавено во Полициска станица. По една недела ми влезе полиција“, рече Филип Достовски, основачот на „Зелена алтернатива“, активист за легализација на марихуаната и едукатор за лекување со масло од канабис.
Тој објасни дека полицијата уапсила двајца, кај него нашла див коноп кој расте во Кочани, како што рече, многу добар за епилепсија, додека кај неговиот другар бил најден ТХЦ канабис и двата канабиса дадени од пациенти за да изработат масло. Едни од пациентите рече Достовски, се и припадници на МВР.
Виктор Јованов