Утре, 2 јули во 10 часот пред Основниот суд Скопје 1, членови на „Зелена алтернатива“ организираат мирен протест за слобода за Филип Достовски, основачот на движењето „Зелена Алтернатива“ и едукатор во регионот за лекувањето со масло од канабис. Како што најавуваат организаторите на „Фејсбук“, протестот е и против законот кој ги третира пациентите како криминалци. Тие бараат да се овозможи достоинствен живот и „лекување во слобода и без страв од реперкусии“.
Филип беше приведен, бидејќи полицијата кај него пронашла одредена количина канабис сатива. „Зелена Алтернатива“ смета нема посoодветен момент да се побара декриминализација и легализација на растението, кое, според науката, може да помогне, но никако да наштети. „Канабисот е лековито растение, кое на илјадници граѓани во Македонија им го продолжува животот, но и на стотици им го загрозува поради строгите и неоправдани законски регулативи“, пишува во повикот.
Според организаторите, Законот не прави дистинкција помеѓу дилер и пациент. „Законот вели дека секој граѓанин во РМ кој избрал да се лечи со канабис е криминалец и е во опасност да биде кривично гонет. Нема никаква логика, ниту пак оправдување да се суди некој кој одбрал да се лечи со канабис, свесно кршејќи го законот, за сметка на својот живот. Нема логика да се полнат затворите со пациенти, кои немаат право на избор и немаат легален пристап до својот лек“, пишува во објавата.
„Филип не е дилер, Филип несебично се бори сите ние да се лекуваме поуспешно, Филип е едукатор заради кој сите научивме како да си го сочуваме здравјето, а неброени се случаите каде токму Филип бил разликата меѓу живот и смрт“, пишува на настанот кој се организира на социјалната мрежа „Фејбук“.
Васко Маглешов