Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов ги демантира тврдењата на Дипломатскиот клуб Скопје за блокада на назначување шефови на дипломатско-конзулрните претставништва на Македонија.
– За сите предлог-кандидати за амбасадори, за кои претходно е постигната согласност со Министерството за надворешни работи, постапките за нивно именување се во тек. Согласно законските процедури, за дел од прифатените и усогласени предлози, постапките за нивно именување се завршени и дипломатите се веќе упатени на извршување на амбасадорската должност, соопшти Кабинетот на Претседателот.
Доколку Дипломатскиот клуб, додаваат оттаму има забелешки околу постапката и процедурите за именување амбасадори, го упатуваме на одговори во Кабинетот на министерот за надворешни работи.
– Претседателот на Република Македонија, како и досега, останува доследен на своите заложби за поставување на професионални и стручни кадри, кои ќе придонесат во јакнење на дипломатската мрежа и ќе ги застапуваат интересите на Република Македонија, стои во соопштението.
Претходно, Дипломатскиот клуб – Скопје соопшти дека се празни 20 позиции на амбасадори на Македонија во странство заради, како што наведоа, неноминирање на амбасадори од страна на претседателот Иванов и покрај серијата предлози што до него ги има доставено Владата на РМ.
– Со таквиот однос на Иванов доаѓа до уназадување на нивото на односите на Република Македонија со државите со кои сме потпишале и договори за отворање на амбасади со именување на амбасадори. Воедно со овој однос директна штета трпат позицијата и угледот на Република Македонија во светот, блокирани се најзначајните политички, економски и културни иницијативи за развој на вклупните односи на заинтересираните субјекти и граѓани со нивните партнери во светот, а се блокира и природното унапредување и професионален развој на дипломатите во Министерството за надворешни работи на РМ, соопшти Дипломатскиот клуб.