Gulf business – Ријад
Жените првпат ќе бидат на автопатиштата во Саудиска Арабија, каде денеска стапува во сила одлуката со која се укинува забраната да возат автомобили.
Одлуката за укинување на таквата забрана, која се смета за симбол на репресија, ја донесе во септември кралот Салман, во рамките на реформите, кои ги спроведува принцот престолонаследник Мохамед бин Салман.
– Подготвени сме и тоа во целиот ќе го промени нашиот живот, изјави 47-годишната Самира ал Гамди, психолог од Џеда, една од првите жени која во Саудиска Арабија доби возачка дозвола.
Забраната за жените да седнат зад волан беше единствена во светот и поради неа пустинското кралство со години беше цел на критичарите од странство, кои го споредуваа со власта на талибанците во Авганистан. Нејзиното укинување го поздравија западните сојузници на Саудиска Арабија како нов прогресивен тренд.
Тоа меѓутоа беше пропратено со жестока пресметка со противниците на режимот, вклучително и некои активисти кои се бореа за укинување на забраната жените да возат. Тие сега ќе седат во затвор додека жените за чии права се залагаа ќе можат слободно да возат.
Саудијките со странски возачки дозволи, врз основа на тие документи, на почетокот од месецот почнаа да добиваат и свои домашни дозволи.
Ќе помине уште некое време додека и другите ја совладаат вештината за возење во новоотворените државни авто-школи.
Некои жени и понатаму се соочуваат со отпор од своите конзервативни роднини.
Од друга страна многу кои научија да возат велат дека се внимателни пред да почнат да возат на саудиските патишта.
– Секако нема да го засакам возењето. Сакам да бидам принцеза, со некој кој ми отвора врата и ќе ме вози каде треба, изјави 22-годишната продавачка Фајза ал Шамари.
Загриженоста дека жените возачи ќе бидат злоставувани во земја каде правилата на стриктна полова сегрегација спречуваат контакт меѓу жените со мажите, кои не им се роднини, минатиот месец доведе до усвојување на нов закон со кој се утврдуваат затворски високи парични казни за сексуално вознемирување.
Министерството за внатрешни работи планира првпат да вработи жени како сообраќајни полицајки, иако е нејасно каде тие ќе бидат распоредени.
Се очекува таквата одлука во земја каде до неодамна беа забранети кината и концертите да даде поттик на економијата, на пример во областа на продажба на автомобили и осигурување.
Тоа исто така ќе охрабри поголем број жени да најдат работа и да ја зголемат продуктивноста иако во почеток тоа ќе биде скромно.
Автокомпаниите веднаш тргнаа со театрални реклами, а приватните гаражи веќе одредија делови со натпис „за дами“.
Реакциите на социјалните мрежи воглавно се позитивни. Меѓутоа, некои реакции се потценувачки или со изрази на загриженост поради социјалните последици по укинување на забраната.
Млада популација, која е мнозинство во Саудиска Арамија воглавно ги поддржува реформите на принцот Мохамед, но многумина стравуваат дека брзината на тие промени може да предизвика реакција од некогаш доминантните верски конзервативци.
Се шпекулира дека апсењето на повеќе од десетина припадници на Организацијата за правата на жените во изминатиот месец има за цел всушност да ги смири конзервативните елементи, односно да испрати порака до активистите да не претеруваат со своите барања.
Дури и со укинување на забраната за возење, Саудиска Арабија останува една од земјите со најголеми ограничувања за жените, на кои и понатаму им е потребна дозвола од сопрузите или машките роднини за значителни одлуки, како патување во странство или венчавка.
Активистите веќе почнаа кампања за укинување на таквиот „старателски“ систем.
Принц Мохамед во едно интервју изјави дека верува оти мажите и жените се рамноправни.
Но, ветеранката меѓу саудиските активисти Хала Алдосари изјави дека жените во таа земја и понатаму се граѓани од втор ред.
– Најлошо од се би било ако таквите ситни реформи и замолкнувањето на феминистките го забават бранот на саудискиот режим да тргне кон посмислени промени, истакна Алдосари.