Министерот за информатичко општество и админситрација Дамјан Манчевски, денеска беше дел од форумот за јавни политики на тема: „Справување со дезинформациите – комбиниран пристап на властите, граѓанското општество и медиумите за долгорочни решенија“, во организација на USAID, Владата на Република Македонија, Општина Велес и граѓански организации.
Министерот Манчевски се осврна на причините кои доведоа до тоа Велес да биде познат во светската јавност како место каде се креираат лажни вести.
„Луѓето кои шират лажни вести тоа го научиле од општеството во кое живеат. Изминатите години бевме сведоци како ширењето на лажни вести се нарачуваше од еден центар на моќ, од кабинетот на поранешниот премиер. Тие дезинформации беа споделувани и на националните телевизии во идентични прилози, со ист редослед. Не можеме да веруваме дека младите од Велес, креирале лажни вести без да имаат помош за тоа. Одговрноста на медиумите во тој процес беше голема. Тие објавува прилози кои содржеа говор на омраза, навреди, непроверени информации… се беше дозволено и возможно да се прочита и слушне во медиуми“, истакна министерот Манчевски.
Како што рече министерот Манчевски, тоа што изминатите неколку дена може да се прочита по социјалните мрежи и интернет порталите во Македонија, е уште една потврда за тоа колку проблемот со лажните вести е сериозен и треба посветено да работиме за справување со овој предизвик.
„Лажните вести во овој случај имаат за цел намерно извртување и манипулирање. Со користење на симболи, фотографии, дезинформации… Во изминатите денови сведоци сме на повици на линч, насилство. Денеска тоа се случуваше и во Собранието. Минатата година ваквото однесување во Собранието ги предизвика настаните од 27ми април. Тоа што Владата може да направи во моментов е тоа што го правиме и изминатата година. Преку редовно информирање и целосна транспарентност во работењето да се спротиставиме на дезинформациите кои поединци сакаат да ги наметнат во јавноста“, потенцираше министерот Манчевски, зборувајќи за последните случувања со лажни вести и дезинформации кои беа споделувани изминатите неколку денови.
Министерот Манчевски се осврна на измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиуми.
„Измените во законот за АВМУ, гарантираат услови за професионализација на медиумските тела. Овозможуваат слободно и независно работење на медиумите во државата. Најважно од се, даваат шанса политичарите да ги тргнат рацете од медиумите. Тоа што е најзначајниот исчекор што се прави со овие измени е конечна професионализација на Советот на АВМУ и на МРТВ. Законот обезбедува транспарентен процес на избор, поставување на јасни критериуми за кандидатите и вклученост на сите засегнати во процесот. Овој начин на избор оневозможува политичко влијание и неквалитетни, партиски кадри да бидат дел од советите.
Но и во овој случај, дел од опозицијата е против овие измени. Наместо да побара одговорност за сегашната катастрофална состојба во медиумите, ВМРО-ДПМНЕ е по секоја цена да го продолжи мандатот на актуелните раководства на МРТВ и АВМУ“, заклучи министерот Манчевски.