Актуелните состојби во областа на образованието во Република Македонија и приоритетите кон кои ќе биде насочена работата на Mинистерството во периодот што следи, биле теми за кои разговарале министерот за образование и наука, Арбер Адеми и в.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн.
Адеми, како што соопшти МОН, освен за содржината на Стратегијата за развој на образованието и за тековните реформи кои се реализираат во областа на основното и средното образование, информирал дека особено важна и континуирана е заложбата за градењето на безбедна и хармонична училишна средина, а поддршката која во тој дел ја обезбедува ОБСЕ е исклучително голема и придонесува за остварување на планираните активности и достигнување на очекувањата.
Министерот потенцирал дека развојот на интегрираното образование, односно градењето на соживот во училиштата и спроведувањето на превентивни активности со цел спречување на секаков вид насилство помеѓу учениците ќе биде еден од приоритетите за време на неговиот мандат.
Честитајќи му на министерот Адеми за именувањето на функцијата, в.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје истакнал дека организацијата која ја претставува останува стратешки партнер на државата, не само во процесите за унапредување на интегрираното образование, туку и на останатите образовни сегменти и сфери.
– Со поддршка на ОБСЕ во Македонија се реализирани бројни проекти со кои се стимулира меѓуетничката толеранција, интеракција и разбирање, како проектот „Градиме мостови“ и „Безбедни училишта – Хармонична средина“, како и активности за унапредување на образовната инфраструктура, соопшти МОН.