Договорот за името е личен договор помеѓу премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Овој договор е неприфатлив, нема да дозволам легализација на политички дивоградби, односно нема да го потпишам договорот за името со Грција, рече претседателот Ѓорге Иванов при денешното обраќање кон јавноста.
Иванов истакна дека владата не се потрудила да разговара со сите партии околу решавање на проблемот со името и да постигне консензус по тоа прашање.
– Текстот во договорот е поразителен. Покрај тоа што се менува Уставот, се менува и преамбулата и членовите кои се однесуваат на името. Дали е патриотизам да не се грижиме за малцинставата? Дали е патриотизам Грција да добие се што побара, а ние ништо? Со овој договор се погазува заветот на нашите претци за единствена Македонија и се брише 27-годишната историја на државата, рече Иванов.
Претседателот на Република Македонија истакна дека ЕУ и НАТО не смеат да бидат оправдување за потпишување штетен договор.
– Договорот нема да го потпишам. Ќе се залагам за решение прифатливо за сите граѓани на Република Македонија. Народот каде и да е, да не се плаши. Мојата одлука е конечна и нема да ме заплашат со никакви закани и уцени, рече Ивнаов.
Виктор Јованов