Македонија лани забележала подобрување за 15 позиции според Глобалниот мировен индекс 2018, кој ја мери состојбата на мир во државите. Земјава се наоѓа на 87-мо место од 163 светски држави, додека минатата година се наоѓаше на 102-то место, објави Институтот за економија и мир од Сиднеј. Во споредба со земјите од регионот, Македонија се наоѓа зад Бугарија (26-то место), Хрватска (27), Албанија (52), Србија (53), Црна Гора (58) Грција (79), а пред Босна и Херцеговина (89) и Косово (92).
Состојбата со мирот се мери според три главни тематски целини: ниво на безбедноста во општеството, големината на постојан внатрешен или надворешен конфликт и степенот на милитаризација. Според овие тематски целини, Македонија најлош резултат покажува во безбедноста во општеството, а најдобар во степенот на милитаризација. Лошата позиција на Македонија на глобалната листа најмногу се должи на перцепцијата на криминалитет, пристапот до оружје и бројот на полициски службеници по глава на жител.
Најмирната земја во светот и оваа година останува Исланд, а потоа следуваат Нов Зеланд, Австрија, Португалија и Данска. На последното место од 163 држави се наоѓа Сирија, а таа на дното на скалата е во друштво со Авганистан, Јужен Судан, Ирак и Сомалија. Петте земји со најголем напредок изминатава година биле Гамбија, Либерија, Ирак, Бурунди и Сенегал, додека државите кои имале најголем пад се Катар, Демократска Република Конго, Того, Шпанија и Мјанмар.
Најновиот Глобален мировен индекс покажува дека лани мирот се влошил во 92 земји во светот, додека 71 држава забележале подобрување. Светскиот мир е на најниско ниво во последниве години, а индексот покажува свет во кој тензиите, конфликтите и кризите кои се појавиле последнава деценија, остануваат нерешени, особено на Блискиот Исток и резултираат со постепено и постојано опаѓање на состојбата на мир. Од вкупно девет светски региони за кои се вршени испитувања во Институтот за економија и мир, Европа е најмирољубива. Од првопласираните најмирољубиви земји во светот освен Нов Зеланд, останатите се наоѓаат во Европа: Исланд, Австрија, Португалија и Данска. Германија и натаму останува на 17. позиција.