Граѓаните на Исланд излегоа на гласање на референдумот на кој одлучуваат дали земјата ќе ги продолжи преговорите за членство во Европската унија. Првите пребројани гласови покажуваат исклучително тесен резултат и во овој момент не може да се предвиди конечниот исход.
Од вкупно 270.000 граѓани со право на глас, досега се пребројани 153.197 гласа. Против продолжување на преговорите се изјасниле 50,1 отсто од гласачите, додека 49,9 отсто гласале „за“. Според податоците на исландскиот јавен сервис RUV, разликата меѓу двете опции изнесува само 435 гласа.
Прашањето на гласачкото ливче гласи: „Дали Исланд треба да ги продолжи преговорите за пристапување кон Европската унија?“
Иако во кампањата беа присутни и геополитичките прашања, главната тема повторно беше рибарската индустрија. Таа учествува со речиси 40 отсто во вкупниот извоз на Исланд и има огромно значење за економијата на земјата.
Гласачите кои се против продолжување на преговорите стравуваат дека членството во ЕУ би значело губење дел од контролата врз богатите риболовни подрачја. Токму правото на риболов беше една од најголемите пречки и во претходниот процес на пристапување.
Исланд ги започна преговорите за членство во Европската унија во 2009 година, непосредно по тешката финансиска криза и колапсот на домашниот банкарски систем.
Преговорите напредуваа значително, но во 2013 година на власт дојде евроскептична влада која го прекина процесот.
Левоцентристичката влада предводена од премиерката Криструн Фростадотир првично најави дека референдумот ќе се одржи до 2027 година. Процесот беше забрзан поради зголемените меѓународни тензии, меѓу кои и заканите на американскиот претседател Доналд Трамп поврзани со блискиот Гренланд.
Доколку победи опцијата „не“, тоа нема трајно да ја затвори вратата за членство во Европската унија. Идната влада повторно може да го отвори прашањето и да одлучи за продолжување на процесот.
