Не само што не сум сторил сè што ми се става на товар туку ни специјалното јавно обвинителство нема докази за тоа што го тврди. Јас само раководев со партијата што ги добиваше сите избори, рече експремиерот во воведниот говор на судењето за предметот „Титаник“ во кој е обвинет за изборни измами.
Тој рече дека анкетите што биле објавувани пред избори докажувале дека ВМРО-ДПМНЕ имала убедливо водство.
„Инсинуации се наводите дека сум се договорил со некој од обвинетите и дека сум натерал да стори кривично дело“, рече тој.
Во „Титаник“ обвинет е поранешниот врв на ВМРО-ДПМНЕ почнувајќи од експремиерот Никола Груевски, потоа Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска-Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се обвинети од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.
Васко Маглешов