Претседателот на Русија, Владимир Путин на седницата на Организацискиот комитет на СП „Русија 2018“ побара домаќините да се потрудат да бидат максимално љубезни со гостите.
Путин наредил за сите навивачи доколку затреба да има бесплатна медицинска помош, без разлика дали имаат полиса за осигурување и дали се воопшто регистрирани во градовите каде што се играат натпреварите. Од полицијата е побарано да се посвети на својата работа и да биде коректна кон сите и да се однесува со голема почит.
Руските политичари се надеваат дека со добра организација ќе ги добијат симпатиите на светот и дека шампионатот ќе го подобри имиџот на Русија.
Дмитриј Азаров, губернатор на Самара, кој ќе биде домаќин на една од групите кажа дека се одбрани лекари кои ги поминале подготовките за познавање на странски јазици за да можат да пружат квалитетна лекарска помош за навивачите кои ќе доаѓаат од целиот свет. Сите екипи на брзата помош ќе имаат и електронски преведувачи.
Досега се продадени 89 проценти од влезниците за Светското првенство во фудбал. Лидери по купени влезници се САД, Бразил, Колумбија, Германија, Мексико и Аргентина. Билетите се прилично скапи, а нивната цена ја одреди ФИФА.