Во кривичниот суд во Скопје, попладнево судијката Добрила Кацарска ќе ја соопшти пресудата за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на екстралуксузниот „мерцедес“.
Tретообвинет во предметот е експремиерот Никола Груевски, кој, доколку биде осуден, може да добие најмалку 1, а најмногу 3 години затвор за кривичното дело давање награда за противзаконито влијание. Ова ќе биде прва пресуда од предметите на СЈО, од вкупно 5 активни обвиненија против поранешниот премиер. Нему му се суди и за предметите „Насилство“, „Титаник“, „Траекторија“ и „ТНТ“.
Покрај него, во предметот второобвинет е помошникот-министер во МВР, Ѓоко Поповски, кому му се заканува построга казна затвор од најмалку 5 години. Тој вчера беше осуден на ефективна казна-затвор за предметот „Триста“ во времетраење од 9 години.
Во предметот „Тенк“, првообвинета е ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на која ѝ се заканува казна затвор од најмалку 5 години за поттикнување во извршување на кривичното дело. На неа ќе ѝ се суди во издвоена постапка, поради ризична бременост. Првото рочиште е закажано за в понеделник 28 мај. Судењето за „Тенк“ започна на 30 јануари годинава и траеше приближно 3,5 месеци.