Големо признание за фестивалот на европски филм CINEDAYS

Од:

Фестивалот на европски филм CINEDAYS, по долга и исцрпна апликациска процедура, успеа да се акредитира во меѓународната асоцијација FIAPF и да се здобие со големото признание „Competitive film festival specialized in European first and second feature films”. Одлуката за зачленување на CINEDAYS во специјалната селекција од 47 акредитирани фестивали во светот досега, е донесена со едногласна одлука за време на Генералното собрание на FIAPF на 18.февруари 2018.

CINEDAYS е во друштвото, рамо до рамо, со 47 фестивали од светот, вклучувајќи ги Берлин, Бусан, Кан, Сан Себастијан, Торонто и Венеција, кои се акредитирани преку оваа програма која гарантира квалитет, дефиниран од меѓународната филмска заедница сконцентрирана во оваа важна меѓународна федерација.

FIAPF претставува единствена федерација на филмски и телевизиски продуценти со големо глобално значење, вбројувајќи 38 продукциски куќи од 31 земја во светот. Мандатот на FIAPF вклучува застапување на заедничките економски, правни и регулаторни интереси на филмската и телевизиска индустрија од сите пет континенти во кои е застапена.
Воедно, FIAPF важи и за регулатор на активностите на меѓународните филмски фестивали, вклучувајќи ги и светските најзначајни фестивали како Кан, Берлин, Венеција и Торонто. Со својата акредитациска програма, FIAPF и овозможува на филмската индустрија пласман на своите филмови на фестивали кои гарантираат висок квалитет и завидни фестивалски стандарди.

CINEDAYS е единствениот фестивал на европски филм во Македонија, основан во 2001 година на иницијатива на шпанскиот режисер Педро Алмодовар и Вивиен Рединг, поранешен комисионер за Едукација, Млади, Медиуми, Спорт и Култура на Европската комисија како ‘недела за славење на европската кинематографија’ во сите европски метрополи. Оттогаш, Скопје остана единствената европска метропола во која CINEDAYS прерасна од ревија во вистински филмски фестивал.

Во текот на своите 17 години постоење, CINEDAYS успеа да се развие во фестивал со силна и атрактивна програма како за домашната публика, така и за меѓународната филмска јавност.

FIAPF како светска организација е задолжена за акредитирање на меѓународните филмски фестивали. Акредитирањето од страна на FIAPF е единствениот знак за квалитет кој додава значење на меѓународно етаблираните филмски фестивали, а кој се доделува на лимитиран број на фестивали во светот достојни на строгите стандарди за она што претставува вистински ‘филмски фестивал’, дефинирани од страна на филмската заедница.

Според FIAPF, начинот на кој CINEDAYS e во директна релација со регионалната индустрија и начинот на кој допринесува за промовирање на млади европски таленти и филмови, како и блискиот однос со локалната публика, се доволни елементи кои ја докажуваат улогата на CINEDAYS како фестивал посветен на промоција на европската кинематографија. За нив, CINEDAYS претставува фестивал кои ги почитува стандардите за квалитет дефинирани од светската филмска индустрија. FIAPF во својата одлука, ја истакнува и важната и несебична работа веќе постигната од страна на организаторите на фестивалот, а истовремено ја укажува и својата верба дека фестивалот има одлична подлога за понатамошен развој важен за градот Скопје, за Македонија но и за Источноевропската филмска индустрија.

Со акредитирањето на фестивалот CINEDAYS, FIAPF им овозможува на продуцентите, дистрибутерите и продажните агенти гарант дека фестивалот ги пресретнал високите професионални стандарди за организирање на еден европски филмски фестивал, кој е базиран на јака и структурирана организација, вклучувајќи разни учесници од локалната и меѓународната филмска индустрија.

Покрај Синедејс, единствени други акредитирани фестивали од Балканот се Сараевскиот филмски фестивал и Софискиот меѓународен филмски фестивал.

Младинскиот културен центар како организатор на фестивалот на европскиот филм CINEDAYS се особено горди на овој меѓународен успех на фестивалот, а воедно ја изразуваат и својата благодарност до сите соработници и пријатели на CINEDAYS, како и верната домашна публика за постигнатите резултати, со ветување дека и понатаму ќе продолжиме со добрата работа, уште поуспешна филмска програма и вистинско фестивалско уживање!

Би можело да ве интересира

Премиера на краткометражниот игран филм „Имиња“ на „Синедејс“

Со премиерата на филмот „М“ отворен 22. CINEDAYS

Заврши 21 издание на „Синедејс“

Ана Ололовска

Вечерва проекцијата на филмот „Нема да си сама“

Филмот „Мими“ вечерва го отвора Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“

Горан Наумовски

Премиера на филмот „Синиот час“ на 13-ти јули во МКЦ парк кино

Ана Ололовска