Експерти од Универзитетот во Кјото успеале први во светот да развијат човечко бубрежно ткиво од матични клетки.
Со тоа се отвора можност да им се помогне на милиони луѓе ширум светот кои зависат од дијализа.
Бубрегот има комплексна структура, која тешко може да се „поправи“ кога еднаш ќе биде оштетена. Достигнувањето на јапонските експерти дава надеж дека заболениот орган би можел сам да се излекува.
– Најголем предизвик во ова истражување беше од матичните клетки да се развие употребливо мезодермно ткиво, што претставува фаза кон создавање бубрежно ткиво, тврди шефот на истражувачкиот тим Кенџи Осафуне.
Ембрионските матични клетки можат да се одгледуваат во специфични бубрежни клетки или во лабораториски садови, како што беше случајот во Кјото или евентуално во живиот организам на домаќинот.
Јапонското истражување, инаку, не било насочено за да се развие цел, функционален бубрег, туку само ткиво на овој орган, кое би можело да се користи во регенеративната терапија.