Федерацијата на планинари денеска избира ново претседателство. Единствен кандидат за претседател е Јовица Угриновски, кој на функцијата е два мандати по ред. Дел од делегатите замерија дека според Статутот на Федерацијата, Угриновски неможе да биде избран трет пат.
Љубомир Котевски, член на досегашното претседателство и претседател на планинарскиот клуб „Кораб“ тврди дека Статутот е изменет и со измените дозволен е и трет мандат.
„Угриновски е најсоодветен претседател на оваа Федерација. Имавме три предлога, но двајца се откажаа и не прифаќаат, за тоа тој е единствен кандидат. Согласно законот нема лимит и нема ограничување за негов реизбор за претседател на федерацијата“, вели Котевски.
Претседателот Угриновски пред делегатите на Изборното собрание го претстави извештајот за работата на Федерацијата во изминатиот период. Во осум точки тој ги претсави успесите на федерацијата и идните планови. Како голем успех ги претстави средствата издвоени за обнова на руинираната кула „Титов врв“.
„За жал имаме многу отворени прашања како што е состојбата и легалзиацијата на планинарските домови во сопственост на Федерацијата или на планинарските клубови“, рече претседателот Угриновски. За разлика од отворените прашања кои можат да се поправат, како работа која не може да се поправи Угриновски ја спомна несреќата на Кајмакчалан во која загинаа планинарите Калина Велевска и Александар Миновски.
Извештајот за работата на ФПСМ, Угриновски го заврши со совет до сите планинари од несреќата да извлечат поука, оти „планината не простува грешки“.
Изборното собрание е во тек.
Маја Илиевска-Пачемска