Заклучоците од првиот Дигитален самит, што само пред еден месец се одржа во Скопје, веќе се дел од агендата на Европската унија, во контекст на поддршка и унапредување на дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан, порача денеска на Самитот ЕУ Западен Балкан во Софија министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
– Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, од самитот на ЕУ и Западен Балкан, информираше дека иницијативите за дигитална агенда и поголема поврзаност во регионот ќе бидат финансирани со повеќе од 200 милиони евра. Во фокусот на овие мерки е намалување на трошоците за роаминг, подобрување на широкопојасниот интернет, развој на е-Влада како и дигитализација на индустријата, рече Манчевски во својот говор.
Ова, нагласи, е силна потврда дека активностите кои изминатиот период ги презема Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Владата, во правец на целосна дигитализација на Македонија, наидуваат на поддршка од ЕУ.
– Само со регионалната соработка на која се обврзавме на Дигиталниот самит, ќе постигнеме трансформација и поврзување на регионот, а тоа е единствениот начин за влез во ЕУ, нагласи Манчевски.
Тој додаде дека МИОА по повод 17 Мај, Меѓународниот ден на телекомуникации и информатичко општество, уште еднаш се обврзува на реализација на сите најавени активности во областа на информатичкото општество.
– Во наредниот период ќе ги објавиме националните стратегии за широкопојасен интернет и за сајбер безбедност, а до крајот на годината ќе ја објавиме и долгорочната стратегија за ИКТ. Во август, МИОА ќе ги пушти во употреба националниот портал за е-услуги, и новиот портал за отворени податоци. Тоа што е од особена важност за сите граѓани е дека конечно услугите ги носиме до нивните домови. Најчесто бараните докуметни, граѓаните ќе можат да ги добија по електронски пат, брзо, едноставно и евтино, посочи Манчевски.
Преку дигитализација и професионализација на администрацијата, потенцира, конечно граѓаните ќе добијат институции кои се нивен сервис и одговараат на нивните потреби и барања.