На продолжението на судското рочиште за предметот „Тенк”, судијката Добрила Кацарска ја предупреди адвокатката на експремиерот Никола Груевски, Сања Алексиќ дека сака на нечесен начин да протне докази.
„Читајте ги само оние докази за кои имате одобрение”, и’ рече судијката на адвокатката на Груевски.
Кацарска додаде дека Алексиќ во оваа фаза не смее да изведува докази кои претходно не биле одобрени од судот, а за тоа се нема произнесено јавниот обвинител. „Откако тие докази ќе бидат изведени, може да предлагате нови докази”, и’ рече судијката на адвокатката Алексиќ.
Судењето се одвива со многу паузи. По последната, судот им го одби барањето на адвокатите на Груевски да не се изведуваат дополнителни докази на СЈО, односно меил-комуникацијата меѓу „МакАутоСтар” и „Мерцедес”. Нови дополнети докази предложија и адвокатите на Груевски.
Во кривичниот суд денеска се одржува ново рочиште за предметот „Тенк“ на специјалното јавно обвинителство, кој се однесува за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илјади евра. На претходните рочишта сведочеа осум сведоци предложени од одбраната, кои посочија дека набавката на новиот „мерцедес“ била неопходна бидејќи старото возило често останувало во дефект и не било безбедно за превоз на важни личности. Во случајот „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски.
Судот донесе одлука да ја раздвои постапката за Јанкулоска поради тоа што имала ризична бременост.
Васко Маглешов