Пред неколку месеци, имав исклучителна прилика да бидам дел од Светскиот форум за демократија при Советот на Европа. Eден од панелите беше посветен на социјалните движења и граѓанскиот активизам, со претставници од сите краишта на земјината топка.
Споделувајќи искуства во неформален разговор, на прашањето, каков тип на протести има најчесто во мојата земја, одговорив: „Владини. Кај нас, власта за се што не чини протестира пред седиштето на опозицијата“. Никој, од Колумбија до Палестина, од Тибет до Шри Ланка, не можеше да си поверува на ушите.
Ако направам една рекапитулација на последните 7 години, не заради тоа што токму тие 7 години се времето на одамна ветената портокалова преродба, туку затоа што пред точно 7 години станав полнолетна и можев да го остварам своето уставно загарантирано право на глас, учествувајќи директно во политичките процеси, можам само да почуствувам како гласот ми застанува во грлото.
Од својата 15та година, сум на некаков начин вклучена во општествените случувања, борејќи се за подобрување на положбата на младиот човек во општеството преку активизам и сериозни младински политики.
А она од што ми застанува гласот во грлото, е сознанието дека, за 7 години, ништо не се помести ни чекор напред. Напротив. Вистина е, Рим не бил изграден за 7 дена. Ама за 7 години, знаете што се може да се направи?
Во последните неколку години, секој месец, барем неколкумина мои пријатели, сите исклучително квалитетни и трудољубиви млади луѓе, се одлучуваат да си ги спакуваат куферите и да заминат надвор, да работат на брод, да работат во Авганистан, да запишат по втор пат некоја образовна програма и слично.
Не затоа што сакаат, туку затоа што мораат. Затоа што тука немаат избор. Освен, евентуално, да станат дел од „новиот бран“, да згазнат на своите дипломи, својот интегритет и знаење, да стават портокалови очила и да се прeтворат во папагали кои ќе повторуваат дека се е во ред, а дека за тоа што не е во ред „Бранко е крив“.
Драги мои. Вистина е дека е сeкој ковач на сопствената среќа, ама таа максима важи за нормално општество на шанси и можности. А шансите, теоретски и практично гледано, секаде во светот, ги создаваат, за жал, официјалните владини политики-не нашите твитови или кафе муабети. Затоа постои државата меѓу другото. За да обезбеди нормално функционирање на пазарната економија и пазарот на трудот. А ние сме земја, официјален шампион во мизерија. Земја во која повеќе пари се инвестираа во позлатени огради и барокни канделабри отколку во, да речеме, еден студентски дом! И сега, некој ќе рече, е тоа е „висока политика“ не ме интереисра.Не те интересира?
Животот не е facebook, па да ставите hide на она што не ви се допаѓа и да продолжите понатаму. Напротив, секој што ќе стави hide на овие случувања, е соучесник. Исто како што и одлуката да не гласате на избори за да не учествувате на ниеден начин во изборниот процес е политичка одлука.
Особено што, она што се случи на 24ти декември повеќе не бара политички интерес за да ве засегне. Бара минимум етички капацитет, бара да знаете да разликувате добро од лошо. Бидејќи насилството е насилство, бруталноста е бруталност. И тука се гледа принципелноста и доследноста.
Јас како Весна, во мојот личен и човечки капацитет, бев дел од протестите против полициска бруталност. Денес протестирам за демократија и вистина. Тоа е принципиелност. Бидејќи ако некој се осудил да крене рака на новинар или пратеник, не знам за секој од нас што остана. Не знам кога ќе се случи уште еден Мартин Нешковски.
Никој нема право, од принципелност да застане настрана, за да не биде евентуално политички обоен. Додуша, отприка беше тоа ставот и на Сините шлемови, па се случија и Руанда и Сребреница. Идејата на политичко обојување и политички придобивки е свесн спин и потсвесно заплашување, ништо повеќе. Дали ќе одолеете на неа е тоа што ќе ве опредли како Хипократ или како хипокрит.
Бидејќи, ако се обидувате да ме убедите дека вие сте исто така борци за демократија и сте против полициска бруталност, ама од принципиелност се тргате настрана, вие сте хипокрит. Што би рекла тетката од пред Влада: „Лицемерие бе синко, лицемерие“.
Не може заради принципиелност да дозволите пред ваши очи да се случува злосторство врз својота генерација; да бидете соучесник во геноцидот на мислата и слободниот дух, соучесник во заминувањето на секој млад човек од оваа земја. Ова се времиња за хипократова мудрост, етичност и човечност. И ова, подеднакво важи за секој млад човек во Македонија: за моите социјалдемократ(к)и кои покажуваат секојдневно неизмерна храброст, висока свесност и упорност; за оние „неутралните“ кои политиката не ги интересира, или се исплашени, или едноставно не сакаат да го нарушат својот комодитет; но и за оние млади луѓе кои се проаноѓаат во погоре споменатиот „нов бран“ и кои наместо да доделуваат признанија за храброст редно е да покажат храброст, и да си ја преземат партијата во свои раце, пред да биде предоцна, наместо да бидат искористени како приврзок и покритие. Бидејќи овојпат навистина, за татковината се работи! Бидејќи 92 годишни ветерани од НОБ излегоа повторно на улица, спремни за битка. Редот, сега е на нас!
Весна Попоска
Мојот град од поинаков агол