Се занимаваме со проблеми од 17 век, а не размислуваме дека децата ќе ни се родат во 22-от. Политичките елити мора да се фокусираат на иднината наместо на минатото бидејќи тоа е од интерес на младите, рече претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на денешната прес конференција по повод Процесот Брдо-Бриони.
Иванов истакна дека ова е значаен ден за Република Македонија и регионот бидејќи склучена е соработка која ќе даде конкретни резултати.
– Поврзаноста е приоритет над сите приоритети, од тоа зависи дали регионот ќе се вброи меѓу останатите развиени региони. Имаме 3 нешта кои не поврзуваат, економијата, очекуваме ЕУ да продолжи со проектите за транспорт и поврзаност, втората е безбедноста, мигрантската криза не е завршена и претставува регионална закана и последно билатералните несогласувања може да го дестабилизираат регионот, вели Иванов.
Тој истакна дека претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск има огромна заслуга за менаџирање со мигрантската криза и дека важи пораката колку е цврст Балканот, толку е цврста и Европската Унија.
– Повикувам Унијата да овозможи паралелно интегрирање и билатерално решавање на проблемот со Грција. Тоа е политичко, а не само техничко прашање кое бара храброст, одлучност од ЕУ. Словенија и Хрватска најдоа начин за паралелно преговарање и интегрирање и сега се лидери во регионот, рече Иванов.
Виктор Јованов