Во периодот од 16 до 18 април 2018 година, во официјална работна посета на Република Македонија престојува заменик претседателот на Сенатот на Република Чешка, Јири Шестак, придружуван и од претседавачот со Комисијата за надворешни работи, одбрана и безбедност, Франтишек Бублан, претседавачот со Комисијата за европски работи, Вацлав Хампл, шестмина други сенатори и двајца секретари.
Во рамки на програмата, денес на 17 април 2018 година, беа примени и од министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров. Фокусот на разговорите беше ставен на блиската билатерална соработка меѓу Република Македонија и Република Чешка, со акцент на поддршката на Чешка кон евроатлантскиот пат на нашата земја и најскоро отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. Воедно, беше укажано на можностите за натамошно интензивирање на соработката во повеќе области од заемен интерес.
„Ова е прекрасен ден за средби со европски пријатели, особено како Република Чешка, која е силен поддржувач на европските и евро-атлантските интеграции на Република Македонија и регионот. Ова (н.з. безусловната препорака од ЕК) е голема победа за сите Европејци – граѓани на Република Македонија – кои кренаа глас и успееја да ја вратат државата на вистинскиот пат. Среќен сум што и формално ја имаме потврдата за тоа. Благодарни сме на Република Чешка за поддршката на нашите европски и евро-атлантски интеграции“, рече Димитров.
Во контекст на парламентарната соработка и двете страни ја потврдија активната соработка меѓу двете земји, како и можностите за нејзиното интензивирање и продлабочување во иднина.
Министерот Димитров информираше за реализацијата на Планот 3-6-9 на Владата, како и за досегашните активности кон подобрување и продлабочување на добрососедските односи во насока на затворање на отворените прашања со соседите.