За дигиталната трансформација да ја исполни својата цел, политиката треба да се приспособи на новите очекувања на луѓето, во новите глобални услови. Новите политичари треба да нудат брзи и креативни решенија, а инспирација и пример можат да им бидат лидерите кои управуваат со мегалополисите, рече претседателот Ѓорге Иванов во денешното обраќање на претседателската сесија „Дилема на нашиот век: технологија наспроти политика“ на 21. Евроазискиот економски форум во Истанбул.
Како што истакна Иванов, наивно е да се очекува дека дигитализацијата ќе даде одговор на сите предизвици зашто, како и секоја човечка творба, така и дигиталната трансформација подлежи на законот на непланирани последици бидејќи нештата можат да тргнат наопаку.
– Искуствата од раководењето на еден Истанбул, еден Њујорк и еден Хонг Конг во 21 и 22 век стануваат поважни за иднината на раководењето со глобализираниот диверзитет отколку искуствата со националната држава на 19 и 20 век. Можеби е време политиката, која се роди во полисот, сега да се врати во мегалополисот, нагласи Иванов.
Според него, дигиталната етеризација на нашата цивилизација доведе до детериторизација, дерегулација и десуверенизација на државите.
– Наспроти вертикалната хиерархија на државата, се поизразено е хоризонталното вмрежување на општеството. Дигиталната трансформација им ја одзема позицијата на државите и на сцена повторно ги враќа градовите, бидејќи реалниот живот е на локално ниво, потенцира Иванов.
Се осврна на потребите за адаптација на државите на новите процеси и дигитализацијата на административните услуги. Некои држави, рече, сакаат да се трансформираат во старт-ап нација која од универзитетите ќе очекува да создаваат кадри за потребите на старт-ап економијата. Преку инкубатори и акселератори ќе се препознаваат и поддржуваат новите идеи од студентите додека студираат и со државни гаранции ќе се поттикнува приватниот капитал да ги поддржува во нивната реализација.
Иванов се осврна и на предизвиците од користењето на социјалните мрежи. – Очекуваме социјалните мрежи да ни донесат поголема слобода во изразувањето. Со еден твит го споделувате вашиот став со целата планета. Но, истовремено, давајќи ни слобода на изразување, социјалните мрежи ни го одзедоа слободното време за промислување, Технологијата ни донесе олеснет пристап до дигитални услуги, трансфери и преноси. Но, цената за оваа неподнослива леснотија ја плаќаме со приватноста, рече шефот на државата.
Претседателот Иванов во рамки на работната посета на Истанбул оствари средби со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I и со турскиот премиер Бинали Јилдирим. Имаше обраќање и пред раководството на Унијата на комори и берзи на Турција (ТОББ) и стопанствениците од Турција на кое присуствуваше и делегација на Стопанската комора на Македонија.