Македонските портали, особено информативните што имаат тенденција да ги градат професионалните стандарди, се соочуваат со хаос на интернет-просторот, а тој хаос заедно со нив го делат и читателите. Секој се претставува себеси за информативен портал, објавува што ќе му падне в рака без да се знае кој е автор на тие информации, колку може да им се верува на информациите и, најпосле, без одговорност за објавеното.
Сето тоа на крајот оди на штета на посетителите на информативните портали кои се доведени во состојба на збунетост и се жртви на лажни информации, анонимни пресметки на политичка, бизнис или лична основа. Штета се нанесува и на сериозните и одговорни информативни портали затоа што кај посетителите и јавноста се создава привид дека информирањето е без кредибилитет и дека сите се исти. Но, не се сите исти.
Во Македонија постојат барем 20-тина сериозни информативни портали кои според својата техничка, визуелна и содржинска поставеност се во рангот на најдобрите во регионот, и во најголема мера редовно ги следат европските стандарди. И тоа треба да се издвои од хаосот, јасно да се покаже и обележи, а потоа читателот да ги даде својот суд и поддршка кому сака од нив.
За таа цел се формира работна група при асоцијација ИАБ Македонија (составена од дигитални медиуми и маркетинг-агенции), која почна со создавање норми за дефинирање на професионалноста, мерливоста, легалноста и одговорноста кај македонските информативни портали. За почеток составен е и усвоен саморегулирачки етички кодекс кој дефинира структура на одговорен и професионален информативен портал и негов однос кон другите портали и кон јавноста.
– Информативен портал треба да има своја редакција, уредник и импресум, кој ќе биде објавен на самиот портал, со што информативниот портал се легитимира себеси пред јавноста.
– Порталот треба да има одговорност кон авторството, односно да објавува свои информации, а за преземните информации да има дозвола од изворот што се наведува во самиот преземен текст.
– Порталот има обврска да се воздржува и да не објавува содржини кои поттикнуваат насилства, содржат говор на омраза и атак врз достоинството и приватноста на граѓаните.
– Порталот кој ги прифаќа правилата на саморегулацијата според асоцијата ИАБ Македонија треба да има јасно означен белег на својот статус во ИАБ Македонија на самиот сајт, со посебно лого (знак) кое покажува дека информативниот портал е дел од правилата и односите кои на читателот му гарантираат веродостојност, професионалност и одговорност.
Со ова, и визуелно, читателот да може да ја забележи разликата помеѓу информативните портали кои се дел од хаосот, и оние другите, кои следат и почитуваат професионални стандарди и водат грижа за својата публика и јавноста. Се претпоставува дека во периодот што следи ќе се издвојат сериозните портали од оние што крадат содржини и пласираат лажни вести.
– Мерливост. Цел на секој медиум, па така и на информативните портали, е да има своја публика која според своите обем и структура ќе го оправда постоењето и работењето на информативниот портал, а кај маректинг-агенциите ќе обезбеди статус на огласувач кој според својот углед и професионалните стандарди ќе биде соодветно место кое респективно ќе служи на функцијата на огласувачот, и ќе ја оправда довербата да биде преносител на огласните пораки согласно со европските професионални, етички и технички стандарди.
За лиценцираните информативни портали кои ги исполнуваат стандардите и ги прифаќаат условите за саморегулација обезбеден е кредибилен систем на мерливост на објавите.
Имено, системот кој има доверба од лиценцираните информативни портали и од маркетинг-агенциите ќе покажува читаност на лиценцираните информативни портали, структура на нивната публика, како и карактер на интерес кон одредени теми и области. Ова овозможува самостојните огласувачи, како и маркетинг-агенциите, во секое време да имаат кредибилна информација за тоа каде и кога е најдобро за нив да креираат и реализираат свои рекламни кампањи. За лиценцираните портали тоа обезбедува подобар пристап кон огласувачите и доверба од страна на огласувачот, маркетинг-агенцијата и од самата публика.
Со ова, по неколку години подготовки, Асоцијацијата за интерактивно огласување ИАБ Македонија го направи потребниот чекор за саморегулација кој обезбедува авторитет за информативните интернет-портали, професионалност и нивна одговорност, а од друга страна се обезбедува доверба од публиката, како и од огласувачите и маркетинг-агенциите.
Наскоро, и јавноста што користи ваков вид информирање ќе може да ги препознае професионалните од другите информативни портали, како според нивната содржина и однесување, така и според лиценцираноста на портали при асоцијацијата ИАБ Македонија.