Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека попладнево ќе се сретне со директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство Викторија Јовановска и со претставници од Министерството за финансии, во врска со блокирањето на сметката на Клиниката, поради исплата на извршни судски решенија.
– Одлуката за симнување пари од сметката по тужба за некој случај кој бил во 2008 година не затекна и нас. Тоа е сума на средства која не е предвидена во буџетот на Клиниката. За таа цел попладнево ќе имаме средба со директорката на институцијата и со луѓе од Министерството за финансии за да ги разгледаме сите околности и да знаеме кои следни чекори да ги преземе, рече Филипче пред почетокот на свечениот собир по повод Светскиот ден на здравјето.
Појасни дека секоја јавна здравствена институција има право на донациска посебна сметка.
Министерот за здравство рече дека ќе се сретне со лекарите од општа медицина и додаде оти средбата е закажана денеска во 15 часот.
На новинарско прашање дека има реакции од граѓаните за лековите во аптеките, односно дека поскапуваат место да поевтинат, Филипче изјави дека може да настанала разлика само во многу мал број на лекови.
– Фондот има обврска да ги прати со своите референтни цени единствените цени кои ние ги детерминиравме во Министерството и веројатно станува збор за разлика од неколку денови додека тие цени не се усогласат. Ќе има поевтинување на сите лекови како што најавивме, рече Филипче.
Прашан до каде е случајот со родилката која неодамна почина во приватната болница „Санте плус“, Филипче кажа дека Министерството за здравство ја завршило својата работа, се формираше комисија и понатаму, како што рече, случајот го презеде Основното јавно обвинителство.