Фондот за иновации и технолошки развој и Министерство за труд и социјална политика денеска пред мали и средни претпријатија, старт-ап заедницата и граѓански организации го промовираа јавниот повик „#ОброкЗаСите“ за доделување финансиски средства за креирање на иновативно системско и одржливо решение за обезбедување храна за лица или семејства со реална потреба за поддршка од заедницата.
– Оброк за сите е предизвик со кој што настојуваме да обезбедиме реално решение за оброк од пазарните вишоци за сите оние кои имаат потреба од таква поддршка, а такви во нашата земја се многу, речедиректорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.
Решението, рече, би требало да ги интегрира во себе и големите производствени компании, маркети, фактички сите кои имаат пазарни вишоци што реално завршуваат на депонија, а, како што потенцира, ние сакаме да завршат кај оние на кои им е потребно.
– Денеска разговараме со мали и средни претпријатија, граѓански организации, старт ап компании, како да се осмисли модел што може да даде ефект за брза дистрибуција на вишокот храна до крајните корисници. За некого оваа храна се смета отпад, за некого таа ќе овозможи зголемување нутритивната вредност на оброците, бидејќи во моментов не може да си дозволи поквалитетна храна, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Рече дека во моментов функционираат народни кујни, но потенцира, тие не ги даваат посакуваните ефекти, скапо се плаќаат и имаат голем процент на неискористеност.
Повикот беше објавен на 23 март. Сите заинтересирани микро, мали и средни компании, како и граѓански организации можат да се пријават на јавниот повик на Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за труд и социјална политика „ОброкЗаСите“ кои со финансиски средства ќе помогнат да се реализираат најиновативните решенија за обезбедување храна за сиромашните граѓани, понудени на повикот.
Јавниот повик е отворен до 21 мај. Тој се однесува на сите микро, мали и средни претпријатија и граѓански организации што работат во доменот на социјалното претприемништво или имаат намера својата дејност да ја прошират на ова поле.
Вкупниот буџет за овој повик е два милиони денари. Ќе се финансираат 90 проценти од вредноста на проектот, а 10 проценти ќе треба да покрие самиот апликант.