Во Кочани заврши проектот за изведување општинско-корисна работа, што се реализира четврта година по ред.
Носител на активноста беше локалната самоуправа во соработка и координација со Центарот за социјална работа и со Агенцијата за вработување, чии стручни служби ја спроведоа постапката за аплицирање на заинтересираните лица и проверката дали ги исполнуваат потребните услови. Исто така, како партнер беше вклучен и невладиниот сектор преку здружението “Благородна мисија“.
На крајот од работниот ангажман на 15 учесници во проектот им беа доделени потврди за стекнатото искуство, што би требало во иднина да им помогне полесно да најдат работен ангажман.
– Многу сме задоволни од реализацијата на активностите, праксата покажува дека и давателите на услуги и корисниците имаат подеднаква корист од проектот. На првите им се дава шанса да се вклучат во пазарот на трудот, да стекнат работно искуство и станат поконкурентни на пазарот, додека вторите добиваат бесплатна социјална услуга, а со тоа морална и физичка поддршка, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Во изминатите шест месеци ангажираните лица им даваа услуги на деца од предучилишна возраст и на стари и изнемоштени лица, им беа асистенти на лица со хендикеп, помагаа во Центарот за донација, како и во посредувањето при делење храна во народната кујна. Тие работеа по четири часа дневно и добиваа бруто надоместок од 6.200 денари, од кои им се плаќаше персонален данок и осигурување.
Проектот беше финансиран од УНДП, а поддржан од Министерството за труд и социјална политика.