А1он направи интервју со Бетиан Китев, најмладиот кандидат за градоначалник од редовите на здружената опозиција предводена од СДСМ.
Китев говори за актуелната политичка состојба, како гледа на одлуката на партијата да се оди на локални и предвремени парламентарни избори.
А1он: Какво е вашето видување за настаните од 24.12.2012г. кои се случија во Собранието на РМ?
Бетиан Китев: Политичката историја во плурална Македонија не памети таков организиран вандализам под покровителство на власта. Настаните од 24.12.2012 оставија длабока трага не само меѓу народот туку и во секојдневното живеење на сите граѓани во Република Македонија.Исфрлени пратеници, исфрлени новинари внатре во Собранието и тензија и немири надвор од Собранието. Грда слика за целата држава која сигурен сум ќе остави трајни последици и неизбришлива порака за следните генерации. Никој во независна и суверена Македонија ниту една власт не посегнала да употреби сила кон народните избраници а уште помналку кон новинарите. Таквиот пристап го покажа вистинското лице на актуелната власт. Едноставно после тие настани Собранието е комплетно без легитимитет а политичката криза која произлезе од тие настани единствено може да се реши на фер и демократски вонредни парламентарни избори. Додека тоа не се случи здружената опозиција има полно право да протестира и да бара храмот на демократијата да се врати со цел свој легитимитет.
А1он: Локалните избори висат, кои се причините за ваквата ситуација?
Бетиан Китев: Во период кога е загрозена демократијата и кога политичката криза станува алармантна логично е фокусот од локалните теми да се префрли на темите поврзани со излезот од настанатата ситуација предизвикана од промовираното насилство на власта. За да имаме чиста ситуација и да излеземе од овие непријатни моменти за целата држава актуелната власт наместо да ги игнорира заклучоците на Сојузот за иднината да седне и да почне час поскоро интензивен политички дијалог кој ќе заврши со јасен политички договор меѓу власта и опозицијата. Тоа значи дека предвремените парламентарни избори се единствена опција се разбира организирани од почитувачи на демократијата, а локалните избори да бидат во пакет со парламентарните избори. Се разбира препораките на ОБСЕ /ОДИХР и прочистување на избирачкиот список се дел од барањата. Но за да се реше состојбата ќе повтора потребен е ургентен и интензивен политички дијалог за излез од кризата предизвикана од настаните внатре и надвор од Собранието на РМ.
А1он: Како ја коментирате одлуката на опозицијата да ги бојкотира изборите?
Бетиан Китев: Ако се следат настаните внимателно ќе се уверите дека терминот бојкот не преовладува никаде во политичката конверзација на опозицијата. На седницата на Централниот Одбот на СДСМ се водеше сериозна дебата. СДСМ е одговорна политичка партија. Одлуката која што се донесе е важна. Се ставија на маса сите аргументи ЗА и ПРОТИВ, се одмери рационално и се пристапи кон гласање на крајот. Заклучоците претставени во јавноста се донесоа едногласно, без ниту еден глас против, без ниту еден глас воздржан. Бев присутен и јас на седницата како промовиран кандидат за Кавадарци од здружената опозиција и видов дека новонастанатата ситуација ја мобилизира и хомогенизира дополнително и СДСМ и Сојузот за иднината. Мислам дека тоа е очигледно и од се по масовните протести низ улиците ширум градовите во цела Македонија.
А1он: Кои се вашите понатамошни активности како кандидат за градоначалник?
Бетиан Китев: Продолжуваме со народот и меѓу народот секојдневно без запирање. Во зависност од политичката разврска, наредниот период ќе се искористи за ангажирање и мобилизирање на се повеќе и повеќе луѓе. Неофицијалната кампања веќе е во полн ек, се чувствува силната желба за промени меѓу народот и сигурен сум дека овој пат победуваме. Дојде време Кавадарци да тргне во насока на обединување на силите кои ќе му донесат прогрес и подобра иднина.
А1он: Дали во ОО СДСМ Кавадарци има поинакви видувања од централата во Скопје во врска со одржувањето на локалните избори?
Бетиан Китев: Тоа прашање е веќе апсолвирано. Како што одговорив на претходното прашање одлуката на Ц.О на СДСМ беше едногласна а тоа значи дека и нашиот претставник од Кавадарци во Ц.О гласаше за предложените заклучоци за излез од политичката криза.
А1он: Зошто СДСМ бара во пакет одржување на локални и предвремени парламентарни избори?
Бетиан Китев: Одлуката на СДСМ и Сојузот за иднината за двојни избори има свое разумно објаснување. Во овие услови со кои се соочува државата неопходно е враќање на уставноста и законитоста, повторно воспоставување на правната држава, обновување на столбовите на демократијата и слободата и одново создавање на доверба во институциите. Карактерот на овие проблеми е таков што тие можат да се решат само со предвремени парламентарни избори и добивање на централна власт со полн демократски капацитет. Одржување само на локални избори во вакви околности само би ги продлабочило овие проблеми и би ја зголемило политичката нестабилност во земјата. Одржување само на локални избори власта би користела да создаде привид на нормалност, односно алиби дека во државата не постои проблем со кршење на Уставот и законите, а од друга страна со учество само на локални избори СДСМ би станала соучесник во етаблирањето на партијско-полициската држава и легитимирањето на оваа тоталитарна власт. Затоа бараме и локални и предвремени парламентарни избори организирани во фер и демократски амбиент.
А1он: Каква е политичката клима во Кавадарци во врска со локалните избори?
Бетиан Китев: Кажав без било какви калкулации претходно дека никогаш како сега не сум бил помотивиран, никогаш како сега не сум бил по убеден дека пред нас е шанса за победа која ќе значи шанса за цела општина Кавадарци. Затоа ги повикувам и најтврдокорните вмровци да се ослободат од стравот и притисокот од власта. Локалните избори се избори каде секој човек со идеи и добри намери заслужува да добие шанса. Во Кавадарци на големо пулсира опозиционо расположение. Овој пат нема дилеми. Коалицијата Сојуз за иднината предводена од СДСМ ќе извојува победа.
А1он: Кој е вашиот најсериозен противкандидат?
Бетиан Китев: Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ почнува сериозно да го малтретира своето членство во Кавадарци. Едно е прашањето што сеуште немаат официјализирано кандидат за градоначалник а друго е тоа што две групи водат паралелна кампања цели пет месеци наназад. Не би кожал мојот фаворит од нивниот табор иако по сите направени анкети до сега а ги имаше многу такви од релевантни агенции за истражување на јавното мислење. Јасно е дека кој и да биде е сеедно бидејќи граѓаните на Кавадарци се веќе определени за промени.
А1он: Која е вашата главна порака до кавадарчани?
Бетиан Китев: Инсистирам секаде во моите јавни настапи, во нашите најразлични собири со граѓани на секој дел од Кавадарци дека локалните избори се избори каде треба да се избере личност која без политички предрасуди ќе биде слуга на локалните интереси на градот и граѓаните. Кавадарци има богата историја, мирољубив народ, а сега има и шанса сите заедно да направиме нешто повеќе за нашиот град. Индистрискиот капацитет, географската местоположба, нашите брендови олицетворени во виното и ракијата, даваат шанса Кавадарци да биде пристојно место за живеење со перспектива за сите наши сограѓани. Потребно ни е единствено, чесно и одговорно однесување на избраните политички чинители. Сигурен сум дека можам да дадам свој придонес за подобро Кавадарци без притоа да калкулирам околу мојата идна политичка иднина. Затоа секаде каде што одам во овие месеци после мојата промоција на 2. септември, укажувам на фактот дека локалните избори и изборот на градоначалник е избор на човек кој ќе има чувство за сите наши сограѓани без да го интересира партиската, етничката или конфесионалната припадност. Одлуката на СДСМ да оди со мене како најмлад кандидат покажува дека само сме силно решени по изборот да сториме се младите да ги задржиме во Кавадарци и да им овозможиме подобра перспектива преку напорна и истрајна тимска работа.