Еден од лидерите на каталонските сепаратисти, Жорди Санчез, кој се наоѓа во затвор, ја повлече својата кандидатура за функцијата претседател на Владата на Каталонија, за да овозможи брзо формирање на регионалните власти, соопштија официјални лица на Парламентот во Барселона.
– Соочен со постојано кршење на неговите фундаментални права, Жорди Санчез ми испрати писмо во кое наведува дека ја повлекува својата кандидатура, оценувајќи дека тоа е најдобрата услуга што може да и ја понуди на земјата, изјави претседсателот на Парламентот на Каталонија, Рожер Торент.
Тој информираше дека следната недела ќе започне нова рунда на политички консултации околу изборот на кандидатот за претседател на регионалната Влада.
Санчез, кој беше избран за пратеник минатиот декември, е поранешен претседател на сецесионистичката граѓанска организација Националното собрание на Каталонија.
Поранешниот лидер на Каталонија, Карлес Пуџдемон се откажа од повторна кандидатура минатата недела во корист на Санчез.
Каталонија на 27 октомври еднострано прогласи независна република, по што Владата на Шпанија воведе директна управа над регионот, ги распушти регионалната Влада и каталонскиот Парламет и закажа нови избори.
Во меѓувреме, дел од членовите на поранешната регионална Влада беа приведени и беа организирани избори во кои сепаратистичките партии освоија мнозинство во Парламентот.