Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, синоќа во Битола го отвори првиот Хакатон-Биталон организиран со цел да искористи иновативни решениија за да раскаже една многу значајна историска приказна за Македонија, а особено за Битола.
„Повеќе од 100 учесници со помош на дигитални алатки ќе ни го претстават животот на битолските и македонските евреи од минатиот век. Младите кои се главните актери во овој настан ќе имаат прилика да ги спојат минатото и новите технологии и на тој начин да придонесат да не се заборави тоа што се случило пред 75 години, односно депортацијата на македонските евреи“, истакна министерот Манчевски.
Тој ја поздрави идејата, посочувајќи дека употребата на новите технологии во секојдневното живеење го прават животот на сите поедноставен и поквалитетен.
„Поврзувањето на производството, науката и образованието денес е неопходен услов за зголемување на конкурентноста. Државата треба да е врската, мостот меѓу компаниите и академската заедница. Со таа цел, заедно во Владата ќе го реализираме проектот за младинска гаранција, што ќе им овозможи на младите луѓе по завршувањето на образованието да се стекнат со практично знаење“, рече министерот, осврнувајќи се на проектите како што се младинската гаранција и технолошкиот парк.
Израелскиот амбасадор во Македонија, Дан Ориан, како главен иницијатор за организирање на Биталонот, ги поздрави учесниците и им се придружи во нивната работа.
По завршувањето на практичниот дел на Биталонот, најдобрите иновативни идеи ќе бидат наградени на завршниот настан во Скопје, каде заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска ќе ги поздрават најдобрите решенија.
Хакатонот е дел од програмата за одбележување на 75 годишнината од депортацијата на македонските Евреи. Организатор на комеморативните активности во Битола е Општина Битола во соработка со Здружението “Архам”, носител на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.