Шефот на Ферари, Серџо Маркионе изјави дека никогаш не кажа дека Ферари ќе ја напушти Формула 1 на крајот на 2020 година. Но, ако не е задоволен од развојот во овој спорт, тоа може и да се оствари
Формула 1 дебатира за иднината на спортот со Ферари и Мерцедес, но очигледно има сериозни разлики. Минатата година, шефот на „Скудерија“ даде изјава што беше толкувана како закана дека тимот ќе замине во 2020 година, ако правилата постојано се менуваат. Маркионе сега појасни за „Планет Ф1“ дека тој не поставил таков рок.
– Никогаш не сум кажал дека Ферари ќе ја напушти Формула 1 до крајот на 2020 година. Но, тоа ќе го направиме ако не најдеме решение за нашите несогласувања, вели шефот на „црвените коњчиња“.
Италијанецот потсети дека „Скудерија“ се натпреварува во Формула 1 подолго од било кој друг тим и многу добро го разбира овој спорт.
– Тешко е да се замисли Формула 1 без Ферари, па се надевам дека ќе ја оставиме оваа мисла зад нас, смета Маркионе.
Тој додаде дека тие водат дијалог со Либерти Медиа и се надеваат на договор кој ќе одговара на сите страни.
– Ако не можеме да го добиеме, сигурно ќе доззнаете за тоа, заврши Серџо Маркионе.