На гала вечерта на раскажување женски приказни „ПричПич“, меѓу раскажувачките говореше специјалната јавна обвинителка, Фатиме Фетаи. Годинава темата на која се говореше е „Добив“.
Обвинителката Фетаи направи пародија на дел од коментарите за нејзиното излегување во дискотека, за кое доби критики на социјалните мрежи. Таа настанот го опиша како да е кривично-правен настан, на кој, било извршено кривично дело. Фетаи рече дека првин ја прифатила поканата на пријател да излезе во кафуле на кое имало караоке забава. Имала желба да запее, ама не го сторила тоа.
Пред полноќ добила покана за да оди во дискотека, каде што отишла, а таму сретнала и судија. Потоа, како што рече, ја стигнал судот на јавноста. „Следуваа лавина коментари. Станав обвинета“, рече иронично обвинителката. „Од многу обвинители, кои што постапуваа по службена должност, главен беше новинарот Бранко Героски“, говореше иронично Фетаи.
Обвинителката рече дека се изјаснила дека не е виновна и направи пародија со изјавата пред судот на експремиерот Груевски, кога тој изјави дека не може да биде обвинет за сакање. „Сум сакала да видам што има во дискотека“, иронизираше обвинителката, која додаде дека не барала помилување. „Не можам да добијам условна, бидејќи признав вина“, се пошегува Фетаи. „Дел од критиките во јавноста не беа заради функцијата, туку пред сè како кон мене како кон личност, како кон жена“, додаде таа.
Фетаи посочи дека еден ден во специјалното јавно обвинителство стигнал официјален допис, во кој се бара таа да ги врати шишките. На доставувачот му било одговорено на официјален меморандум со лого од СЈО.
На крајот од говорот, Фетаи додаде дека жената во Македонија се соочува со предрасуди. „Да се бориме за општество во кое ќе се врати правдата“, изјави таа. На жените им порача да го прават она,што ги прави среќни. „Сторителот секогаш се враќа на местото на злосторството“, изјави Фетаи.
Освен неа, раскажуваа преведувачката, активистка за работнички права и кандидатка за градоначалничка на Скопје – Марија Џонс, режисерката, Ана Јакимска, писателката и феминистка Асја Бакиќ, феминистката и професорка на ЈИЕ, Маја Мухиќ и актерката и активистка, Симона Спировска.