Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Федерацијата на училишен спорт на Македонија (ФУСМ), започнуваат со реализација на проектот „Фудбал во училиштата“.
Целта на овој проект е подигање на свеста за фудбалот и спортот воопшто меѓу најмладите преку овозможување на децата од основните училишта да бидат дел од спортски настани и проекти наменети само за нивната возрасна категорија.
– Овој проект ќе се одвива во три фази, од кои првата започнува сега и ќе трае до мај. Во првата фаза ќе бидат опфатени околу 6.000 момчиња и девојчиња од второ до петто одделение од 40 основни училишта од 10 општини во Македонија. Во втората фаза ќе бидат опфатени 10.000 деца од 80 училишта, додека пак со третата фаза се очекува да бидат вклучени 120 училишта што претставува една третина од основните училишта во Македонија, броејќи до 15.000 деца, објави Илчо Ѓорѓиоски претседател на ФФМ.
Задоволство од постигнатата соработка со ФФМ искажа Александар Туфекџиоски, првиот човек на ФУСМ.
– Интересот кај училишниот кадар во училиштата каде ќе се имплементира проектот е огромен и со нетрпение се очекува негово отпочнување. Натпреварите ќе се одигруваат во две категории, второ и трето одделение ќе играат 5 на 5, додека четврто и петто одделение ќе играат 8 на 8.