Чад сака во Мали да испрати еден пешадиски полк и два помошни батаљона, или околу 2.000 војници, соопшти чадскиот министер за надворешни работи Муса Факи Махамат за радио Франс ентернасионал.
-Тоа што се случува во Мали, како држава од Сахел, не загрижува. Чад не може да биде настрана од своите меѓународни обврски. Ќе работиме во тесно содејство со малиската армија, чадските вооружени сили и силите на Западноафриканската економска заедница, уверува Махамат.
Околу 2.000 војници од силите на Економската заедница на земјите од Западна Африка се очекуваат во Бамако до 26 јануари.
Денеска ќе пристигне првиот контингент со нигериски војници.
За борбата со исламистите, кои го окупираа северно Мали, Нигерија ќе испрати 900 војници. Буркина Фасо, Того, Нигер и Сенегал соопштија дека ќе испратат по 500 војници, Бенин – 300, а Гвинеја и Гана над 100 војници секоја.
Во Мали француските војници, кои од 11 јануари ги гаѓаат позициите на џихадистите, во вторникот почнаа копнена операција што е насочена кон градот Диабали, контролиран од исламистите, на околу 400 километри северно од престолнината Бамако.
Во Мали веќе се распоредени над 800 француски војници, а планирано е нивната бројност да достигне 2.500 лица.