Героски: Да не бил Зиков, сепак, во жолтата куќа?

Од:

Не стивнуваат реакциите за интервјуто на Саше Политико со уредникот на „Капитал“, Љупчо Зиков, особено за делот на релациите на СДСМ со АЛФА ТВ и споменувањето на А1 ТВ и Велија Рамковски за настаните во 2008 година.
Со став и свое гледање на работите, но и разјаснување како директен сведок пишува Бранко Героски за Плусинфо.

Еве што напиша Героски во колумна со наслов: Да не бил Зиков, сепак во жолтата куќа?

Да бидам искрен, од тричасовното маратонско интервју на Саше Политико со Љупчо Зиков, со внимание ги проследив само најинтересните десеттина минути, што ми ги испрати Саше и кои се однесуваат на односите меѓу Штерјо Наков, телевизија Алфа, Велија Рамковски, телевизија А1 и СДСМ. За весникот „Фокус“, Зиков ја дообјасни својата приказна, а провладините портали го пренесоа неговото сведочење.

Имам колегијални и приватни причини што ме спречуваат да изнесувам било какви квалификации за настапот на Зиков и јавно да размислувам за неговите мотиви. Таа непријатна задача ќе им ја оставам на другите. Зиков е мој ученик во новинарството, колега со кого негувам пријателски односи и тој факт ми ги одзема објективноста и непристрасноста. Затоа, во овој напис, ќе проговорам само за фактите.

Колегата Зиков мора да се збунил (ете, ќе ја одберам најнеутралната квалификација!) кога зборува за настаните во предизборието во 2008 година. Имено, тој тврди дека „двајца високи партиски членови на СДСМ“ тогаш го потсетиле него, во тоа време извршен директор на Алфа, дека “телевизијата малку ѝ должи на опозицијата“ и затоа требала да ја поддржи на првите предвремени избори. Да биде незгодата (по Зиков, за жал) поголема, тој тврди дека тогаш, во 2008 година, СДСМ го купил Велија Рамковски да работи за партијата.

Според неговите наводи, Зиков бил испратен од својот газда (Штерјо Наков), да преговара за рекламирањето на СДСМ. Двајцата фамозни членови на СДСМ на Бихаќка му понудиле 20.000 евра за рекламирање на Алфа и му рекле дека „поголемиот дел од парите треба да одат кај Велија Рамковски“.

Еве зошто велам дека приказната на Зиков е шуплива и неточна, барем што се однесува до релацијата на Велија Рамковски со СДСМ (за релациите на Штерјо Наков со СДСМ, веројатно Зиков си знае подобро). Во периодот за кој зборува Зиков, пред вонредните парламентарни избори од 1 јуни 2008 година, Велија сѐ уште е голем поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски. Тоа е општо позната работа и не ми е јасно како можел Зиков да направи таков крупен превид.

Во почетокот на септемрви 2008 година (значи, цели три месеци после периодот за кој зборува Зиков!), Рамковски (верувам, не без договор со Груевски) ме смени од местото главен уредник на весникот „Шпиц“, имено поради политички причини – поради мојата критика врз власта за спорот за името и за односот кон ЕУ и НАТО. Велија тоа јавно го призна! Написите на повеќе македонски медиуми во врска со ова се достапни на интернет. Во тој период, Велија сѐ уште енергично го поддржува Никола Груевски!

Но, не за долго. Одлуката на Рамковски да се раздели со Груевски нема врска ниту со Алфа, ниту со Штерјо Најков, ниту со СДСМ. Велија му се налути на Груевски поради начинот на кој се трошат субвенциите за замјоделците, а сум слушнал дека имало и некои недоразбирања околу некои деловни зделки, за нешта кои не ми се детално познати. Тиквата пукна поради тоа што Велија сметаше дека тој, како автор на програмата за земјоделски субвенции, полага право на контрола на распределбата на тие пари. Сум бил сведок на средба во кафеаната „Стара градска куќа“, на која Велија Рамковски, сегашната пратеничка Ленче Николовска и двајца видни министри во владата на Груевски пред мене разговараа за тоа како да се делат субвенциите – Ленче водеше записник, со отворен тефтер, а немам поим зошто мене Велија ме викна, кога ништо од сето тоа не ме интересираше.

Не е тајна дека Рамковски бараше Груевски за министер за земјоделство да ја постави Николовска, но премиерот се определи за кадар на Ѕинго. Тогаш Велија ми рече дека на Груевски ќе му постави услов да избира меѓу него и Ѕинго. Го одвраќав од таа намера и му реков: „Ако постапиш така, ќе го избере Ѕинго“. Мислам дека така и се случи.

Подоцна, кон крајот на таа година, односите со Груевски уште повеќе се влошија и во еден момент Велија доби телефонски закани. Ако не се лажам, тој заканите ги пријави директно кај министерката Гордана Јанкуловска.

Како и да е, кон крајот на 2009 година (или можеби во почетокот на 2010 година беше), Рамковски свика еден ручек во ресторанот „Ања“, на кој беа двајца западни амбасадори, вицепремиерот Ивица Боцевски и целиот уреднички кор од Перо Наков – на таа средба тој ја објави промената на својата политика и на политиката на А1, односно поддршката за ЕУ и за НАТО и критиката за антиквизацијата на Груевски.

Првите посериозни контакти на Велија со СДСМ се случуваат дури во 2009 година. Но, тоа е веќе друга приказна. Како и да е, приказната на Зиков дека СДСМ и Велија биле „во љубов“ во 2008 година е целосна измислица. Не знам дали Зиков се збунил, дали во 2008 година бил на Бихаќка или во жолтата куќа на ВМРО-ДПМНЕ, или, едноставно сево ова е измислица. Но, она што јас го кажувам овде, го кажувам од прва рака, како сведок на настаните. А секој пољубопитен новинар што ќе ја истражи архивата на тајм.мк може да се увери во истото.

И уште нешто. Иако бев близок со Рамковски, јас никогаш немав пристап до неговото чекмеџе. Не му верувам на никого од колегите новинари и уредници од Перо Наков, што вели дека знае што се случувало во и со тоа чекмеџе. Но, од моите разговори со Велија, како и од разговорите со некои луѓе на СДСМ, можам да заклучам дека апсолутна измислица е приказната дека Рамковски било кога бил „купен“ или земал некакви големи пари од СДСМ, дури и во периодот на неговата блискост со оваа партија. Мој впечаток е дека Велија го поддржуваше СДСМ и инвестираше во своите планови, кои беа преамбицозни и наивни, но не беа нечесни.

Тоа е вистината за односите меѓу Рамковски и СДСМ. Кога ќе се создадат услови да го посетам Велија во затвор, ќе поразговарам со него за можноста да напишам едно подолго негово сведоштво за неговата кариера и за неговиот живот. Не знам што ќе излезе од тој разговор. Но, за настаните на кои сум бил сведок и за кои точно знам како се случиле, нема да дозволам да се шират измислици. Дури ни од драгиот колега Зиков.

Ако е чесен и ако е вистински новинар, Зиков ќе мора да најде начин да ја коригира својата приказна, бидејќи ваква каква што е, таа е скарана со вистината.

Бранко Героски
Преземено од Плусинфо

Би можело да ве интересира

Директорката Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да даваат изјави за медиумите

A1on

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

A1on